За да продолжи имплементацијата на реформите кои ги определи Европската Комисија преку Планот за раст со соодветното темпо, потребни се институции водени од Влада која е силно посветена на европската агенда. Изборите ќе го дадат одговорот дали ќе забрзаме во користењето на европските фондови и придобивки, смета Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи.
Тој вели дека Планот за раст доаѓа како иницијатива на Европската Унија, но после претходни укажувања од македонска страна и од останатите влади на земјите од Западен Балкан, за потребата од конкретни придобивки и конкретни чекори на суштинска интеграција кон ЕУ, во периодот додека траат преговорите, пред зачленувањето.
– Кога се во прашање реформските обврски поврзани со европската интеграција, Северна Македонија во изминативе неколку години покажа капацитет, волја, посветеност и резултати. За тоа говорат и извештаите од ЕУ за земјава од изминативе години, немаме ниту еден негативен извештај, немаме ниту едно назадување во европските реформи од 2017 наваму. Реформите предвидени со Планот за раст се реформи кои ниту се нови, ниту се изненадувачки. За да продолжи нивната имплементација со соодветното темпо, потребни се институции водени од влада која е силно посветена на европската агенда. Изборите ќе го дадат одговорот дали ќе забрзаме во користењето на европските фондови и придобивки“ додава Забрчанец.
Земјите од Западен Балкан се исправени пред историска шанса, со напорна работа низ сериозен реформски процес конечно да се влезе низ портите на Европската унија.
Според предлогот на ЕК, станува збор за две милијарди неповратна помош и четири милијарди заеми, наменети за реформа на политичките, правните и економските системи, со цел да се намали разликата меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, како и да се поддржи процесот на приклучување на тие земји во ЕУ.
-Очигледно е дека Планот за раст црпи позитивни искуства од повеќето постоечки регионални иницијативи како што се Отворен Балкан и Берлински процес, вели Забрчанец.
-На пример, Зелените ленти за брз проток на транспортерите на стоки и производи кои веќе функционираат меѓу државите од Отворен Балкан (на граничните премини Табановце и Ќафасан), предвидено е да се имплементираат и меѓу останатите држави од Западен Балкан. Ваквите иницијативи не се ништо друго туку практикување на европските слободи и мобилност, секој ден сѐ повеќе, до конечно членство во Унијата. Верувам дека слободниот пазар на труд и отстранувањето на работните дозволи меѓу државите од Отворен Балкан ќе даде брзи резултати и придонес кон единствениот заеднички пазар. Очекувам дека оваа мерка во скоро време ќе биде препознаена како приоритет и ќе биде иницирана и имплементирана и во останатите три држави од Западен Балкан. Планот за раст во себе содржи и свои уникатни економски мерки и придобивки за граѓаните кои секако ќе имаат позитивно влијание и врз останатите регионални иницијативи. Таква е на пример мерката за намалување на трошоците при финансиски трансакции меѓу државите на ЕУ и државите на Западен Балкан“, смета тој.
Вархеји: Планот за раст е амбициозен, Западен Балкан мора да напредува со цел да ги заврши реформите
Европскиот комесар за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји, на самитот Западен Балкан – ЕУ, кој на 29 февруари се одржа во Тирана, изјави дека планот за раст е амбициозен и предвидува двојно зголемување на средствата за Западен Балкан.
– Западен Балкан треба да биде интегриран во ЕУ, која мора да ги понуди сите придобивки од членството. Остана половина од времето за спроведување овој план, затоа регионот ќе треба брзо да напредува за да ги заврши реформите. Мора да ги примените правилата на ЕУ. Може да станете дел од европскиот пазар и пред да станете член на ЕУ, рече Вархеји, јави Ора њуз.
Маричиќ: Планот за раст на Западен Балкан е новата успешна приказна на ЕУ
„Планот за раст е најнова успешна приказна на ЕУ која што е промовирана во Скопје, минатиот ноември во формат министри за европски прашања и минстри за финансии од сите држави во регионот со високи претставници на ЕУ, директорот Копман и комесарот Вархеји. Она што ние инсистиравме е овој план да се спроведува брзо и конкретно. Со конкретни придобивки за граѓаните, да не даваме големи ветувања кои што ќе се случат којзнае кога туку да утврдиме неколку конкретни работи кои ќе се случат сега и што побрзо“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервју за Слободен печат.
Се очекува 860 милиони евра за Македонија
Планот за раст е Отворање на единствениот пазар на ЕУ за земјите од Западен Балкан.
Приближувањето на земјите од регионот кон единствениот пазар на ЕУ би претставувало придобивка за сите граѓани од регионот. Во Планот се идентификувани седум првични приоритетни области, кои може да се отворат за земјите од Западен Балкан: 1) слободно движење на стоки, 2) слободно движење на услуги и работници, 3) пристап до Единствената европска платежна област, 4) интегрирање на патниот транспорт, 5) интегрирање на енергетските пазари, 6) единствен дигитален пазар и 7) интеграција во индустриските синџири на снабдување.
ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка од 6 милијарди евра за следниот четиригодишен период од кои 2 милијарди евра во форма на неповратни грантови и 4 милијарди евра во форма на заеми со поволни услови, кои ќе се обезбедат со ребаланс на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ.
Се очекува за Северна Македонија да бидат доделени 860 милиони евра, од кои околу една третина треба да бидат неповратна поддршка за инфраструктурни инвестиции.
Преземено од Градска.