На Листите на кандидати на политичките партии за пратеници нема големи изненадувања како што очекуваше јавноста.
СДСМ со пратеничка листа за обезбедување на европска иднина на државата
СДСМ и коалицијата нудат една исклучително квалитетна пратеничка листа која ќе обезбеди прво доверба од граѓаните, а потоа ќе ги застапува граѓаните во Парламентот со цел обезбедување на европска иднина на државата, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски при објавата на пратеничките листи на нивната коалиција.
Тој потенцираше дека се работи за една листа којашто ја респектирам, која беше донесена на најдемократски начин во СДСМ, преку едногласни одлуки и на ЦО и на ИО и со 99,98% гласови од присутните делегати на конгресот.
СДСМ и Коалицијата за европска иднина на изборите ќе настапи со „Програмата за европска иднина“. Во Првата изборна единица носител на листата е претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, а како коносител ќе биде претседателката на коалицискиот партнер ЛДП, Моника Зајкова.
Во втората ќе бидат Оливер Спасовски и Фатмир Битиќи, додека во третата изборна единица предводници ќе бидат Сања Лукаревска и Љупчо Николовски.
Носител во четвртата изборна единица ќе биде поранешниот министер за здравство, Венко Филипче со Јована Тренчевска.
Во петтата изборна единица предводници на пратеничките листи се Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојческа, а во шестата изборна единица Славјанка Петровска и Агрон Демири.
35 досегашни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се на листите на парламентарните избори
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието што си заминува, брои 44 членови. Од нив тројца пратеници се од две партии на коалицијата, што значи дека ВМРО-ДПМНЕ има 41 пратеници. Од тие 41 дури 35 се повторно на листите за пратеници. Најголемиот дел од нив се во горниот дел, меѓу првите десетмина, но има и такви коишто се подолу, без можност повторно да станат пратеници.
Интересно е што во Третата и Четвртата изборна единица речиси сите добитни позиции ги држат досегашни пратеници. Во Тројката (каде носител е Драган Ковачки) на првите девет места, вклучувајќи еден засега непознат кандидат на коалицијата, сите се досегашни пратеници. Во Четворката (носител е Александар Николоски) меѓу првите осум кандидати има само едно ново име – Дејан Проданоски. Во Петката има две нови имиња во првите шест – Сашо Донев и Пеце Милевски, а во Шестката сигурните две пратенички места се за досегашните пратеници Дафина Стојаноска и Александар Велјановски.
Во Двојката на првите две места се досегашните пратеници Владо Мисајловски и Жаклина Пешевска, а единствената голема промена е во Првата изборна единица каде на првото и второто место се претседателот и потпретседатлката на партијата, Христијан Мицкоски и Гордана Димитриеска-Кочоска.
Новите политички фигури се рангирани на последните места, вели новинарот и политички аналитичар Берат Азизи во изјава за Фронтлајн, зборувајќи за листите на кандидати за пратеници предложени од политичките партии на Албанците во Северна Македонија.
– Двете најголеми македонски политички партии имаат идентични листи како и на последните избори, додека новите фигури се рангирани на последните места. Коалицијата ДУИ (Европски фронт), ги врати на листата за пратеници старите личности, би рекол оние што беа пратеници и пред 20 години, а со тоа го игнорираа новиот дух и новиот потенцијал што го има оваа партија. И покрај калкулациите на лидерите и жестоките битки за влез на списокот, мислам дека за граѓаните и демократијата не се соодветни бидејќи надежта на младите да влезат во партијата или да започнат политичка кариера згаснува и мислам дека последиците ќе се гледаат подоцна, по изборите, затоа што сега сите се плашат да зборуваат за политички и кланови интереси, оценува Азизи.
Според него, албанската опозициска коалиција ВЛЕН (ВРЕДИ), во споредба со Европскиот фронт, на списокот има и нови имиња кои не биле составен дел од досегашните состави на пратеници, и додава тој, верувам дека тоа ќе има позитивно влијание врз јавноста, но и во ВЛЕН има личности кои имаат долгогодишно политичко искуство во собранието и во државните институции.
– Генерално, мислам дека политичките партии во Северна Македонија сè уште не можат да се оттргнат од феноменот „прв лидерот, втори потпретседателите итн“ и верувам дека тоа нема да помогне за развојот на земјата и зајакнувањето на демократијата во нашата земја, подвлече Азизи.
Дестан Јонузи