Во пресрет на парламентарните и вториот круг од претседателските избори на осми мај, познавачите на политичките збиднувања во земјава велат дека може да се случи изненадување. Според нив, може да се случи изненадување при изборот на претседател, како што наведуваат, може да се случи да се „топи“ големата разлика меѓу двајцата кандидати во трката.
– Во теоретски аспект, особено при изборот на претседател, може да има изненадување, да се промени оваа огромна разлика меѓу двајцата кандидати. Изјавите и ставовите на г. Силјановска Давкова – го иритираат албанскиот електорат. Од друга страна, доколку дојде до евентуален бојкот, тогаш ситуацијата ќе биде уште покомплицирана, изјави за „Фронтлајн“, Исмет Рамадани – од Евроатланскиот совет на Северна Македонија.
Според него, на парламентарните избори на 8 мај ситуацијата е појасна во однос на победниците, но додава, нема да ги има истите разлики што ги имавме во првиот круг од претседателските избори.
– Се очекува повеќе да се мобилизираат политичките партии и нивните кандидати за пратеници, да се зголеми излезноста и тоа да се одрази на конечниот резултат. Политичките сили со јасна евроатланска ориентација се соочуваат со тежок предизвик да ги убедат гласачите уморни од проруската пропаганда. Оваа пропагандна реторика нè принудува да заклучиме дека во ваква ситуација ни народот нема право да греши, нагласи тој.
Новинарот и политички аналитичар Дритон Зенку вели дека изборите на 24 април претставуваат сигурен барометар за изборите на 8 мај.
– Изборната кампања за парламентарните избори ќе има влијание, но не доволно за да ги менуваат резултатите од претседателските избори. Коалициите од двете партии, без разлика дали се во македонскиот или албанскиот политички блок, ќе се обидат да го зголемат гласачкото конто. На ниво на двата политички табора од двете страни, бројот на гласови кои би можеле да течат од еден блок во друг нема да надмине 10 до 20 илјади гласови. Ако имаме преглед на бројот на пратеници од гласовите на претседателските избори но и пресметката на мандатите од нашиот изборен модел, на парламентарните избори може да очекуваме не повеќе од 3 до 7 пратеници, зголемување на едната страна или пад на другата страна и во македонскиот и во албанскиот политички блок. Сега колку оваа бројка би влијаела врз македонскиот политички блок и врз албанскиот политички блок за формирање на новото парламентарно мнозинство, се очекува да се види вечерта на 8 мај, изјави Зенку за „Фронтлајн“.
Граѓаните на 8 мај ќе гласаат за да изберат 120 пратеници во законодавниот дом, а во вториот круг од претседателските избори за „првиот во државата“ со петгодишен мандат.
Дестан Јонузи