Во Тирана денеска опозицијата продолжи со протестите на кои бара оставка од градоначалникот Велиај. И на овие протести, како и претходните, демонстрантите фрлаа молотови коктели и јајца во правец на општина Тирана, јавуваат албанските медиуми.
Албанскиот министер за внатрешни работи Таулант Бала, одржа меѓуинституционален координативен состанок со претставниците на Националниот механизам за упатување кој ги опфаќа прашањата за трговија со луѓе, на кој направи преглед на состојбите во однос на спроведувањето на мерките за борба против трговијата со луѓе во рамките на одобрените Акционен план и постигнатите резултати.
Во продолжение се поместени сите содржини од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-Прес.
АЛБАНИЈА
Албеу: Опозицијата протестира пред општина Тирана, се фрлаат молотови коктели и јајца
Најавениот протест на опозицијата почна денеска, пред општина Тирана. Како и во минатото, протестот започна во 11:00 часот.
Потсетуваме дека подолго време опозицијата, но и претставници на Алијансата за заштита на театарот протестираат пред градското собрание, во знак на противење по апсењата за досието „5Д“, барајќи оставка на градоначалникот Велиај.
Во меѓувреме, речиси во сите протести имаше судири меѓу полицијата и демонстрантите, а тие фрлаа молотови коктели во правец на општината.
Како и на претходните протести, демонстрантите фрлаа јајца во правец на општина Тирана, пренесе Албеу.
Ора њуз: По извештајот на Стејт департментот за трговија со луѓе Бала најави конкретни препораки за продлабочување на борбата против појавата
Министерот за внатрешни работи Таулант Бала одржа меѓуинституционален координативен состанок со претставниците на Националниот механизам за упатување кој ги опфаќа прашањата за трговија со луѓе, на кој направи преглед на состојбите во однос на спроведувањето на мерките за борба против трговијата со луѓе во рамките на одобрените Акционен план и постигнатите резултати.
На овој проширен состанок на МКР, на кој присуствуваа и претставници на обвинителствата, судовите и СПАК, се разговараше за приоритетните препораки што треба да ги решат албанските власти, за истрага, следење и казнување на делата за трговија со луѓе, пренесе Ора Њуз.
КОСОВО
Газета Експрес: Петковиќ дезинформира за политиката на Косово кон Србите
Петар Петковиќ, директор на таканаречената Канцеларија за Косово, често ја користи својата позиција за ширење дезинформации, пропаганда и фабрикување факти.
Конечно, Петковиќ дезинформираше дека наводно владата на Албин Курти „систематски го попречувала дијалогот и извршила етнички мотивирано насилство врз Србите, особено на северот на Косово“.
Дезинформацијата, е објавена на српскиот портал „Косово онлајн“.
Што рече Петковиќ:
„Режимот на Албин Курти постојано и систематски го попречуваше дијалогот потпирајќи се на еднострани, незаконски и насилни одлуки, како и на прогон на Србите, особено од северот на Косово, за што сведочи фактот дека повеќе од 15 отсто од Србите на Косово го напуштија тој дел од покраината“.
„Приштина на секој начин се обидува да ја избегне обврската за формирање на Заедницата на српските општини, како што беше договорено во Брисел во 2013 година и прецизирано во 2015 година, пренесува Газета Експрес.
Бота Сот: Адвокатот Коци го откри местото каде што се чува телото на Фатон Хајризи во Србија
Адвокатот Аријанит Кочи објави дека го идентификувал местото каде српските власти го чуваат безживотното тело на Фатон Хајризи.
Тој покажа дека е во Србија и не е придружуван од никого.
„Го најдов местото каде што се чува телото. Не сум поврзан со никого“, кратко изјави Кочи.
Инаку, пред неколку дена бегалецот од затворот Смреконица на Косово, Фатон Хајризи, беше пријавен дека е убиен од властите во Србија, пренесува Бота Сот.
КОЛУМНА
Коха: Жртва на системот и општеството
„Хајризи можеби бил млад војник на ОВК, но не бил и не е херој затоа што го убил рускиот војник, ниту овој српски полицаец.
Хајризи е или бил опасен криминалец, кој е осуден и за недозволено поседување оружје, освен за разбојништво и рани. Но, пред се, тој беше жртва на општеството и системот, кој не го третираше како малолетник кога тоа беше потребно“, пишува Авторката Флака Сурои во колумната „Жртва на системот и општеството, објавена во косовскиот дневен весник Коха.
Подготви: Д. Тахири / Цивил Медиа