Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека во петокот упатило протестна нота до Северна Македонија, барајќи итно и целосно објаснување во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на МНР, претседателката Османи била соочена со несоодветен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром.
-Министерката (Доника) Грвала достави протестна нота до властите во Северна Македонија, барајќи итно и целосно објаснување за овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за расветлување на случајот и да се погрижат вакви настани во иднина да не се повторуваат, се вели во соопштението на Министерството.
Грвала, според соопштението, веднаш по инцидентот, во четвртокот вечерта и во петокот се сретнала со амбасадорката на Северна Македонија во Косово за да побара појаснување за случајот.
-Министерката Грвала денеска во МНР оствари средба и со вицепремиерот на Северна Македонија, Арбен Фетаи со кого разговараше за предметниот инцидент и потребата од преземање брзи институционални дејствија. Во рамки на преземените дејствија, министерката Гервала попладнево прими телефонски повик од нејзиниот македонски колега, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, при што беше изразена загриженоста на косовските институции за вчерашниот инцидент, се наведува во соопштението.
На претседателката Османи, според соопштението што го објави Претседателството, во четвртокот имало обид да ѝ се одземе телефонот од обезбедувањето на скопскиот аеродром. Дури, како што велат, имало обид и Османи физички да се оттурне.
“Спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи, обезбедувањето на скопскиот аеродром се обиде да и го одземе личниот телефон на претседателката.
Претседателката не дозволила такво нешто, бидејќи тоа би било сериозно прекршување. И покрај образложението на правилата што тимот на претседателката му ги соопштил на аеродромскиот службеник, тој се обидел физички да ја турне претседателката, при што луѓето од косовската полиција биле принудени да реагираат за да се отвори патот“, се вели во реакцијата на Беким Купина, советник за медиуми во Претседателството.
“Арогантното и насилничко однесување на службеникот на скопскиот аеродром, е без преседан и никогаш не се случило на ниту едно патување на претседател никаде во светот, вклучително и во земјите кои не го признале Косово. Јасно се забележува дека во предметниот случај имаше тенденција да се испровоцира делегацијата на Република Косово и да се предизвика инцидент, се наведува понатаму во реакцијата.
“Треба да се напомене дека по влегувањето на претседателката во авионот, скопскиот аеродром не дозволил комерцијалниот авион да полета повеќе од еден час, под изговор дека словенечката држава не дозволува полетување, бидејќи не бил подготвен за слетување.
Кабинетот на претседателот стапи во контакт со словенечката страна, која не информираше дека такво нешто апсолутно не е точно и дека авионот ќе може да слета во предвидениот термин. Претседателството го смета секој напад и нерегуларно постапување во спротивност со меѓународните конвенции на високи државни функционери како напад врз самата држава Косово.
Република Косово никогаш во својата историја не се однесувала на таков начин кон претседатели, премиери или министри на Северна Македонија или која било друга земја, ниту пак некогаш ќе дозволи такво нешто“, посочија од кабинетот на косовската претседателка.
Македонското МВР за инцидентот
Обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши им се заканувало на вработени во ТАВ кои побарале од претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу да го остави телефонот за да помине на секенер кога поминувала низ гранична контрола на Меѓународниот аеродром Скопје.
Како што информираат од МВР, на 1.8. 2024г. околу 10 часот додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа, сепак, багажот бил вратен и поминал низ скенер.
-По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин, соопшти МВР.
Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, наведуваат од МВР.
Кабинетот на Гаши демантира каква било вмешаност на членови од неговото обезбедување во инцидентот на Скопскиот аеродром
Кабинетот на претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, преку соопштение демантира каква било вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во инцидент на скопскиот аеродром, за кој што, велат, пренесуваат одредени медиуми.
-Наспроти овие информации, членовите на безбедносниот тим на претседателот на Собранието Гаши биле присутни само за да се смири ситуацијата настаната од недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување. Обезбедувањето на претседателот Гаши, кои се вработени во МВР, интервенирале да ја смират ситуацијата и да им помагаат на нивните колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП личности. Притоа потенцираме дека секое известување кое го сугерира спротивното е тенденциозно. Исто така, ги повикуваме и медиумите кои известуваат за овој настан да ги проверат тие информации пред да објават вакви тврдења и да постапат со професионална и етичка одговорност, стои во реакцијата од Кабинетот на Гаши.
ТАВ Македонија: Обезбедувањето постапи во рамките на своите овластувања и спроведе стандардна безбедносна проверка
Реакција во врска со настанот стигна и од ТАВ Македонија. Во соопштението од компанијата се наведува дека Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија постапи во рамките на своите овластувања и спроведе стандардна проверка на претседателката на Косово Вјоса Османи Садриу и на нејзиниот багаж на пунктот за безбедноста проверка во ВИП – салонот, со што, посочуваат, воопшто не беше загрозена авијациската безбедност и безбедноста на патниците.
-Во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство, ТАВ Македонија како аеродромски оператор има законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вклучувајќи ги и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот. Оттука, Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија, постапувајќи во рамките на своите овластувања спроведе стандардна безбедносна проверка на споменатиот патник како и на неговиот багаж, на пунктот за безбедноста проверка во ВИП- салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет, велат од ТАВ.
Сакаме да потенцираме, додаваат, дека авијациската безбедност не беше загрозена, поради тоа што споменатиот инцидент се случи во јавната зона на аеродромот, односно пред пунктот за безбедносна проверка на ВИП-салонот од каде ВИП-патниците откако ќе бидат проверени од обезбедувањето се упатуваат во безбедносно-контролирана зона на аеродромот.
-ВИП-салонот е посебна зграда изолирана од главната терминална зграда на скопскиот аеродром, што значи дека е комплетно неточно дека била загрозена безбедноста на патниците. Со цел точна слика за случката и спречување на ширење дезинформации, за сите детали во однос на инцидентот, ги упатуваме медиумите да се обратат до надлежните институции, посочуваат од ТАВ Македонија.