Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен утрово пристигна во посета на Украина.
– Мојата осма посета на Кијив се случува во исклучително важен момент, изјави таа.
„Грејната сезона започнува за две недели, а руските непрестајни напади врз цивилната енергетска инфраструктура на Украина имаат за цел да нанесат максимална штета“, додаде Фон дер Лејен.
Таа рече дека ќе му обезбеди на украинскиот претседател Володимир Зеленски план на ЕК за зимска подготвеност за Украина. Со него се предвидува дополнителна поддршка во вредност од околу 160 милиони евра, што ќе помогне да се покрие повеќе од 25 отсто од потребите за електрична енергија на земјата.
Таа потенцира дека најавената помош од 160 милиони евра е во рамки на новиот План за зимска подготвеност, што го подготви ЕК и кој ќе му го претстави на украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на нивната денешна средба.
– Ќе разговараме и за нашата поддршка за храбрата одбрана на Украина и за да ја натераме Русија да плати за штетите од приходите генерирани од замрзнатите руски средства, изјави претседателката на ЕК, потсетувајќи дека од Данска почнало користењето на овие средства за нарачки на оружје и воена опрема директно од украинската одбранбена индустрија.
Фон дер Лајен информира и дека со Зеленски ќе разговара и околу позајмиците договорени на средбата на Г7 во Апулија, кои, според неа, ќе овозможат значително олеснување за украинскиот буџет.
Таа најави дека на разговорите во Кијив ќе стане збор и за амбициите на Украина за пристапување кон ЕУ и за тоа како Комисијата може да ги поддржи овие напори. Украина во пристапниот процес е во фазата на скрининг, кој, според Фон дер Лајен се одвива без проблеми.
– Ќе разговараме и за глобалната поддршка за плановите на Украина за мир и закрепнување. Заседанието на Генералното собрание на ОН следната недела ќе биде повод да се пренесат важни пораки и да се обезбеди поддршка, особено од земјите од глобалниот југ, додаде Фон дер Лајен.
Ова е осма посета на Фон дер Лајен на Киев од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година. Претходната посета на претседателката на ЕК на Украина беше во февруари годинава.