Еврокомесарката за проширување и соседска политика, Марта Кос, изјави дека Европската Унија не може да воведе санкции врз претседателот на Република Српска, Милорад Додик, бидејќи со тоа не се согласуваат сите земји-членки.
„Земјите-членки не се обединети по прашањето за санкциите против Додик“, изјави Кос за Радио Слободна Европа.
Таа истакна дека „е тешко да се работи со некој што не го прави најдоброто во интерес на својата земја – Босна и Херцеговина“ и нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и уставен поредок.
„И тоа е една од причините зошто сè уште не сме во можност да отвориме преговори со Босна и Херцеговина, иако Босна и Херцеговина има статус на кандидат, но поради внатрешнополитичката ситуација, тие не можат ниту да го именуваат главниот преговарач“, рече Кос.
Таа додаде дека владата во Босна и Херцеговина „не е во можност да стави на хартија реформска агенда што би им овозможила да добијат една милијарда евра од Планот за раст на ЕУ“.
Кос оцени дека, кога станува збор за процесот на преговори, гледа надеж во опозицијата во РС.
„Засега, постојат некои светли точки, а тоа е дека во РС постои опозиција, која станува поконструктивна, а тоа потоа би можело да биде пробив за процесот на преговори“, заклучи европската комесарка.