РИБАРО
Откако премиерот на нашата земја Христијан Мицкоски изјави дека македонската економија е меѓу најуспешните пет во Европа, се размрдаа лидерите на ЕУ и сериозно се загрижија за економските политики на нивните земји во споредба со успесите на македонската.
Емануел Макрон, Мерц и Урсула фон дер Лајен буквално паднаа на колена пред успехот и достигнувањето на Мицкоски, јавуваат изворите на АХА од Брисел.
Тие упатија заедничко писмо во кое го молат Мицкоски да им го каже рецептот за и тие да можат да го пресликаат македонското премиерско економско чудо во ЕУ, но и во нивните економски напатени земји.
Мицкоски засега мудро ги држи на кратко јаже и не го открива рецептот.
– Нели ви реков?! Им направив шах-мат. Има да ме молат! Љубоморни се, затоа не нè примаат во ЕУ, триумфално изјави за АХА, премиерот Мицкоски додека се спремаше да се гоштева во седумте милијарди евра кредити што им ги наглави на економски мизерните македонски граѓани што имаат убедливо најниски плати на Балканот и во цела Европа.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.