Украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничката средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, рече дека Украина е подготвена да најде „дипломатски начин“ за да ја заврши војната со Русија, повторно нагласувајќи дека Кијив сака трилатерален состанок со Москва и Вашингтон.
На прашањето дали Украина е подготвена да ги „прецрта мапите“ во мировен договор или „да продолжи да испраќа украински војници во смрт уште неколку години“, Зеленски не одговори директно, но ги пофали напорите на администрацијата на Трамп да ја запре војната.
Зеленски рече дека Украина мора да живее со секојдневните руски напади, посочувајќи го смртоносниот напад на Русија врз Харкив изминатата ноќ.
„Треба да ја запреме оваа војна, да ја запреме Русија. И ни треба поддршка (од нашите) американски и европски партнери“, рече тој.
„Ја поддржавме идејата на Соединетите Американски Држави – лично на претседателот Трамп – да ја запре оваа војна, да најде дипломатски начин за завршување на оваа војна“, додаде тој.
Зеленски рече дека е подготвен за трилатерален самит меѓу него, Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Трамп изрази интерес за одржување на трилатерален самит веднаш по разговорите во понеделник, додека Путин се воздржа.