Општините Чаир и Тетово одамна се сметаат за симболични и реални центри на политичката моќ на Албанците во Северна Македонија. За двете главни албански политички сили – Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) и коалицијата ВЛЕН – овие општини не се само локални средини, туку и бастиони преку кои се мери легитимитетот, влијанието и идната насока на албанскиот политички блок.
Според доверливи анкети до кои дојде Фронтлајн, во Чаир Изет Меџити моментално ужива предност од 3 до 5 проценти пред својот противкандидат Бујар Османи од ДУИ кај албанскиот електорат, додека кај македонското гласачко тело во општина Чаир, Меџити води со убедливи 8:2. Овој податок има голема тежина, бидејќи Чаир традиционално се смета за бастион на ДУИ, а евентуалната победа на Меџити би ја разнишала самата основа на моќта на партијата.
Во Тетово пак, трката меѓу актуелниот градоначалник Билал Касами и кандидатот на ДУИ, Бајрам Реџепи, е далеку понеизвесна. Разликата, според анкетите, изнесува само 1 до 2 проценти во корист на Касами. Сепак, и таму исходот ќе има длабоки импликации: победа на Касами ќе го зацврсти неговото лидерство во опозицијата и ќе ја отвори вратата за поголема консолидација на ВЛЕН како сериозна алтернатива на долгорочната доминација на ДУИ.
Значењето на овие изборни битки оди подалеку од локалните граници. За ДУИ, загуба и во Чаир и во Тетово би претставувала најсериозниот удар врз нејзиниот имиџ од основањето наваму. За ВЛЕН, пак, тоа би била историска шанса да ја преземе иницијативата во албанскиот политички кампус и да ја редефинира распределбата на моќта во државата.
Дестан Јонузи