По изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, прашањето за предвремени парламентарни избори повторно се наметнува како централна тема во македонската политичка сцена. Додека дел од политичарите гарантираат избори напролет, други ги отфрлаат како шпекулација.
Со приближувањето на локалните избори закажани за 19 октомври, политичката сцена во Северна Македонија повторно се вжештува со шпекулации и противречни изјави за можно распишување на предвремени парламентарни избори. Иако премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не даде конкретен датум, тој не ја исклучи можноста за нивно одржување веднаш по локалните избори.
– Очекувам по овие локални избори да влеземе во еден циклус на засилен инвестициски бран и оној кој ја следи политиката ќе рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе има силна победа, посилна од таа во 2021 година, барем така зборуваат, и логично е да се предизвикаат предвремени парламентарни избори за да се обезбеди нов четиригодишен мандат. Ако тоа го гледаме како политичка одлука би се согласил, но ако го гледаме од државна логика тогаш поинаку размислуваме. Ние сакаме да ја ставиме државата пред сѐ и интересот на стопанствениците, за да имате предвидлива иднина, да знаете што можете да очекувате, па дури потоа се обидуваме да го ставиме тој наш политички интерес. Но, ќе видиме. Прво да се случат работите, па потоа ќе носиме одлуки – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа изјава, иако внимателно формулирана, веднаш предизвика реакции од опозицијата и другите политички играчи. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини Мицкоски дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ не испорачала ништо од тоа што го ветила.
– Само една и пол година подоцна, никој не е горд. Стандардот е уништен, пензиите се манипулирани, цените се во слободен пад, а платите стагнираат. Заминаа 17.000 граѓани за една година. Ветуваа бум на економија, достоинствен живот, но денес гледаме само неспособност и празен буџет, рече Филипче, додавајќи дека СДСМ е подготвена за избори и веднаш, доколку се распишат.
На сосема спротивниот крај од спектарот е Изе Меџити од коалицијата ВЛЕН, кандидат за градоначалник на Чаир, кој остро ја отфрли можноста за нови избори во блиска иднина.
– Ова се локални избори. Владата има легитимитет, има бројки, има програма. Нема потреба од дополнителни трошоци за предвремени избори“, изјави Меџити, додавајќи дека секоја најава за предвремени избори е само политичка манипулација.
Од друга страна, Бујар Османи од ДУИ и кандидат за Чаир од Алијансата за национална интеграција (НАИ), беше најдиректен и најсигурен во својата изјава:
– Ве уверувам дека во март или април ќе има предвремени парламентарни избори. Веќе имаме разговори, договори и подготовки. По локалните избори, Северна Македонија ќе добие нова влада која ќе го отвори патот кон ЕУ, истакна Османи.
Политичка математика и стратешки интереси
Изјавите доаѓаат во момент кога ВМРО-ДПМНЕ има стабилно водство во анкетите, што ѝ дава дополнителен мотив да размислува за добивање целосен четиригодишен мандат преку предвремени избори. Од друга страна, критичарите велат дека партијата само сака да ги капитализира моменталните бројки, додека реалната состојба во државата – инфлација, иселување и буџетски дефицит – е далеку од ветената „гордост“.
Локалните избори на 19 октомври ќе бидат не само тест за локалните лидери, туку и индикатор за распоредот на силите на национално ниво. Според многумина, резултатите од овие избори ќе бидат клучни во одлуката дали земјата ќе оди на предвремени парламентарни избори напролет.
Дестан Јонузи