Мохамед Салах објави дека ќе го напушти Ливерпул на крајот од сезоната 2025/26, со што ќе стави крај на деветгодишната ера на „Енфилд“, потврдија и клубот и самиот фудбалер.
Во пораката до навивачите, Салах порача дека сакал одлуката да ја соопшти навреме, од почит кон клубот и поддржувачите, нагласувајќи дека Ливерпул за него бил дом и место каде доживеал незаборавни моменти. Клубот соопшти дека египетскиот напаѓач постигнал договор според кој ќе ја заврши својата кариера во црвениот дрес по крајот на актуелната сезона.
Салах пристигна во Ливерпул во 2017 година од Рома и се изгради во една од најголемите ѕвезди во поновата историја на клубот. Според Ројтерс, тој зад себе остава 255 голови на 435 натпревари и статус на трет најдобар стрелец во историјата на Ливерпул, со освоени две титули во Премиер лигата, трофеј во Лигата на шампионите и низа други големи признанија.
Неговото заминување доаѓа по период во кој постоеја шпекулации за неговата иднина, вклучително и интерес од Саудиска Арабија, но конечната одлука сега е официјално потврдена. Со тоа Ливерпул ќе остане без еден од симболите на својата најуспешна модерна генерација.
За голем дел од навивачите, веста значи затворање на едно посебно поглавје – ерата на играчот кој со голови, рекорди и трофеи стана едно од заштитните лица на клубот во последната деценија.
Ј. Ѓ.







