пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
Кога политичкиот противник ќе ве надигра, фер е тоа достоинствено да му го признаете. А не да цвилите и да се превиткувате како невешт гимнастичар на греда, па да треснете на глава на душекот под вас.
Тоа, отприлика, му се случи вчера на ВМРО-ДПМНЕ (а и на АА/А) во Македонското собрание. Во потег што не се памети во македонската демократска ера, премиерот Заев ги „матираше“ во стилот на политички велемајстор: не само што со гласање за поддршка на довербата во Владата ја расчисти дилемата на која опозицијата инсистира со недели наназад – дека Владата нема мнозинството во Собранието – туку тоа го направи со легалистичка елеганција што не им овозможи на расприкажаните опозиционери ни да зуцнат по тоа прашање.
По доживеаниот шок, дури и пропагандната индустрија на ВМРО-ДПМНЕ остана неколку часа без зборови! Откако малку се соземаа, следуваше типична егоистичка изјава на Христијан Мицкоски дека сето тоа било можно да се изведе – бидејќи тој е во вирусен карантин! НАСА веќе работи на сопирање на вртењето на Земјата, бидејќи Мицкоски има уште десетина дена за успешно здравствено-политички да закрепне. До тогаш, гравитацијата ќе мора да се стави во мирување, на глобално ниво.
Но, како што е тоа вообичаено, има и многу подлабоки пораки од активираната флеш-бомба во оваа собраниска симултанка.
Имено, константното опозициско фабрикување речиси само на шпекулации, навреди и лаги во општеството, многу над разбирливите дози на неопходна опозициска критика и политичка скепса, е рецепт за овој вид на самопонижувања. Во политиката играш со картите што ти се (изборно) поделени – впрочем, прашајте го токму Заев како, секојдневно, изгледа тоа – но, ако ти е стратегијата постојано со пар осмици да блефираш дека во рацете држиш кента флеш, тогаш сите на покерската маса веќе одамна те прочитале. Ако, на тоа, уште и без усул само се буниш дека шпилот е означен, дека осветлувањето не е добро, дека жетоните се фалшиви, дека другите играчи кријат адути низ ракавите и низа слични плачливи „вадења“, веројатноста и кога ќе сложиш три кеца да ја оплескаш партијата, е голема.
За илустрација: дури и дебаклот со вакцинацијата во државата, ВМРО-ДПМНЕ не може да го претвори во одговорен политички наратив што би оставил подобар впечаток во јавноста, бидејќи во општата загриженост на населението од здравствената ковид-ситуација, малкумина гледаат доверлив партнер во опозицијата на која едноставната човечка емпатија би ѝ била поважна од покерашкиот блеферски порив само да го зголемуваат влогот во партијата за да се дограбат до власта.
Кога е некој загрижен и вознемирен, лоша е стратегијата в лице да му се кезите со повици уште повеќе плаши се, плаши СЕ, ПЛАШИ СЕ!
Филипче, всушност, сè уште се одржува на функцијата можеби и само заради впечатокот дека, во споредба со опозициските блефери, неговите чувства за искрена тага и сочувство му се поголеми од фактичката способност да ги набави вакцините. Нешто како Ангела Меркел: и Германија потфрли со вакцинацијата, но јавниот сентимент (сè уште) не е таков заради тоа решително да ја прогласи „мама Меркел“ за неспособна.
На крајот, кај и да е, вакцините ќе стигнат, а опозицијата ќе продолжи да вреви дека ништо не е готово и дека по прашањето на списокот од сите предизвици со кои сме соочени мораме во грч да го чекаме крајот на светот кој е гарантирано зад следниот агол!
Во таква ситуација, Заев им приреди уште еден „Тонч!“ на опозиционерите скоро и без голем напор, патемно. Со тоа сите наши проблеми не се решени, но Заев не пропушти шанса уверливо да стави до знаење кој работи на нивно решавање, а кој глуми дека е загрижен.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.