Она што е очигледно, е дека од ден на ден бројот на граѓани што протестираат пред Собранието е сè помал.
Невладината „Ленка“ блиска на партијата Левица, во објава на Фејсбук прогласи „капитулација“ на протести.
На вчерашниот протести пред Собранието, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше испратен со „УА!“ и свирежи од граѓаните.
И Во собраниската сала, атмосферата беше тензична и на работ на посериозен инцидент.
Опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Левица сè понервозни во нивните настапи во Собранието, бараа отфрлање на овој предлог а со вувузели и свирчиња ги попречуваа говорите на пратениците од владејачката коалиција.
Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, на неколку пати предизвика посериозни инциденти.
Апасиев реагираќи процедурално од собраниската говорница, со заканувачки гестикулации со прст кон Талат Џафери му порача на претседателот на Собранието дека не е дома кај него, па да го бара со прст.
„Значи прв и последен пат да ти биде да ми мавташ со прст, еве јас што ти кажувам!“, му се закани Апасиев на Џафери.
Претходно Апасиев дојде во кофликт со пратеникот од СДСМ Мартин Костовски, која лесно можеше да ескалира во физичка пресметка. Реакцијата на другите пратеници спречи поголем инцидент.
СДСМ преку соопштение обвинува дека забеганоста, стравот и примитивизмот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ги минува сите можни граници. Како што истакнуваат, од собраниска говорница ВМРО-ДПМНЕ ја нарече претседателката на Европската комисија Урсула фор дер Лајен нацист.
„Ова е скандалозно, срамно и за секаква осуда, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ по налог на Христијан Мицкоски освен што го резилат Собранието директно ги наредуваат нашите пријатели во Европската унија, го нарушуваат угледот на државата, на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ се против целата ЕУ“, се наведува во сопштението од СДСМ.
Во ЕУ влегуваме како Македонци со чист македонски јазик, а вие сте изгубени во историјата, им се обрати пратеничката на СДСМ Даниела Марковска на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
„За што протестирате вие од ВМРО-ДПМНЕ, изгубени во историјата? Вчера врховисти, завчера антички, а денеска наводно партизани. Во ЕУ влегуваме како Македонци со македонски јазик, а јас како пратеничка од Ѓорче Петров ќе се борам да го сочувам ликот и делото на Ѓорче Петров и тоа токму од вас, ќе се борам да го зачувам ликот и делото на нашите народоноослободителни херои кои вие ги нарекувавте злосторници“ порача пратеничката Марковска.
Од Владата јавно ги осудија крајно нецивилизираните напади и навредите искажани во Собранието од страна на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кон високи претставници на Европската Унија.
„Најостро го осудуваме говорот на омраза којшто деновиве опозицијата упорно го шири и се обидува да го наметне во јавноста од собраниската говорница, но и од блокадите и протестите на улица. Главната цел на овие срамни и ниски напади е да го попречат патот на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес“, соопшти владината прес-служба.
Собранието денеска трет ден ќе расправа за Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското Претседателство со Советот.
Останати се уште тројца кои имаат право на збор според списокот на пријавени пратеници, по што Собранието ќе треба да одлучува по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ.
Ј. Ѓорѓиоски