Црногорскиот Стандард објави нови, тажни и трагични детали од масакрот што ја потресе целата земја.
Во мноштвото грозоморни детали за масакрот во Цетињското село Медовина, пред кој Црна Гора остана без зборови и лееше солзи поради суровата смрт и трагичната судбина на десет невини жртви и шестмина повредени, има и еден светол пример, не помалку тажен, но херојски, пишува црногорски Стандард.
Станува збор за приказна за тројца кумови, чии судбини се сменија за миг: еден од тројцата, Милош Мартиновиќ, ги загуби сопругата Наташа (35) и двата сина на возраст од осум и 11 годиниво безумниот злостор на газдата на објектот Вук Бориловиќ. Тој изгуби се, целото семејство.
Неговата сопруга Наташа кога го видела злобниот час се фрлила во пресметка со Бориловиќ, кој прво го застрелал нејзиниот син на влезната врата додека момчето се обидувало да се сокрие. За жал, немала сила да се бори со лудиот сосед, па за неколку моменти таа и нејзиниот втор син, кого го затекнал како руча на масата во кујната, биле убиени од проектили од ловечка карабина.
Чувствувајќи дека нешто страшно се случува, Мартиновиќ го повикал кумот Митро Митровиќ (37) на помош, барајќи од него веднаш да отиде во нивниот изнајмен стан и да провери што се случува бидејќи сопругата не му одговарала на телефон, а тој не можел брзо да дојде. Митровиќ тоа го направил без да каже збор. Во меѓувреме, Мартиновиќ добил телефонски повик од убиецот, кој лично го известил дека му ги убил сопругата и синовите.
Несреќниот Митровиќ, кој неодамна се ожени и доби дете, панично го напуштил домот и загрижен за семејството на својот кум, со голи раце заминал на местото на злосторството. Не се грижеше за опомените од околината, се надеваше дека ќе успее да ги спаси своите приајтели. Немал ни шанса да се врати дома, многу брзо и самиот станал жртва. Иако се стари познаници и семејни пријатели, Бориловиќ немал милост, штом се приближил до дворот од куќата пукал во него, застрелувајќи го и оставајќи го мртов на лице место.
Третиот, Ненад Нено Калуѓеровиќ, кој денеска цела Црна Гора го слави како херој, е кум на Митровиќ. Тој не се плашел за својот живот, а според првичните резултати од истрагата му пришол на убиецот Бориловиќ и му пресудил. Тој храбро го прекина натамошното крвопролевање и, секако, спаси уште неколку човечки животи, наведува Стандард.
Во масакрот што се случи вчера во Цетиње, во кој Вук Бориловиќ уби десет лица, по што беше ликвидиран, загинаа членови на вкупно пет семејства, меѓу кои и две деца, пренесува српски „N1“.
Денеска беше соопштен идентитетот на жртвите во вчерашниот масакр. Најстарата жртва имала 81 година, додека најмладата имала осум години.
Во Црна Гора прогласена е тридневна жалост поради масакрот во Цетиње
Подготви: Ј. Ѓ.