Барикади, пукање и напади врз полицајци и новинари во северниот дел на Косово, каде живее српското малцинство, се дел од елементите на зголемените тензии меѓу Косово и Србија од почетокот на април 2022 година. Оваа ситуација ги поткопа тековните дипломатски ЕУ и напорите на САД за решавање на отворените прашања меѓу двете земји.
Српскиот претседател, Вучиќ, нареди „највисоко ниво на борбена готовност“. „Ќе бидат преземени сите мерки за заштита на српскиот народ на Косово“ – рече Вучиќ на 26 декември. Таа изјава доаѓа неколку дена откако српската премиерка, Ана Брнабиќ, изјави дека тензиите се „на работ на вооружен конфликт“.
На крајот на неделата на тензии и закани со воена интервенција, барикадите се отстранети, а ситуацијата се чини дека е нормализирана. Но долгогодишниот спор меѓу двете земји на бурниот Балкан останува. Путинова Русија е секако актер кој работи на одржување на тензиите, па дури и на нивно ескалирање, од добро познати причини. Дали треба да бидеме загрижени?
Civil.Today разговараше со Астрит Истрефи, извршен директор на Балкан Форум, истакната граѓанска организација и тинк-тенк со седиште во Приштина. Неговите анализи се вреден придонес за согледување на актуелната ситуација во односите меѓу Косово и Србија и на можниот развој на настаните во блиска иднина.
CIVIL.TODAY: Ќе започнам со последното прашање: Дали во моментов напаѓаме во ситуација на војна меѓу Србија и Косово?
ИСТРЕФИ: Благодарам Џабир. Да кажам зошто не може да има војна меѓу Косово и Србија. Постојат најмалку четири причини. Едната е дека војните во регионот на Западен Балкан завршија во 90-тите, војната во Хрватска, војната во Босна и Херцеговина во 1995 година, војната во Косово во 1999 година, конфликтот во Србија во 2001 година и истата година во Македонија. Значи, војните завршија, да речеме, минатиот век.
Втората работа е дека, како што знаете, Косово не е земја членка на НАТО, туку сили предводени од НАТО се сместени во Косово. Има околу 3.700 војници, од 27 или 28 земји кои придонесуваат. Меѓу нив се Албанија, Северна Македонија, Канада, САД и многу други земји. Дури и оние за кои се смета дека понекогаш имаат неутрална политика кога станува збор за прашања поврзани со безбедноста надвор од Европската унија. Значи, тоа е втората работа – НАТО е во Косово, НАТО трупите се тука. Значи, не може да има војна меѓу Косово и Србија.
Третата причина е тоа што, знаете, самиот ангажман од Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ, до Мирослав Лајчак, кој го олеснува дијалогот меѓу Косово и Србија, до специјалните советници на претседателот Макрон од Франција и канцеларот Шолц од Германија, и на американскиот висок претставник за Западен Балкан, кажува многу за високото геостратешко значење што го има Западен Балкан, особено дијалогот Косово-Србија. Значи, тоа е третата причина.
И четвртата, мислам, ако не научивме поуки од крвавите војни од пред 30 години, од пред 25 години, што се случија во нашиот регион, кои оставија стотици илјади убиени и силувани, и уништени имоти, тогаш тоа значи дека нешто не е во ред. Тоа би биле луѓе кои имаат воен менталитет дури и денес, а живеат во минатото, и би сакале да покажат сила или можеби дури и да се обидат да употребат сила. Но тие ќе ги сносат последиците од она што го видовме во нашата понова историја. Така, мислам дека тоа би било сценарио за оние кои се повеќе авантуристи отколку политичарите, и од оние слободоумни политичари кои гледаат во иднината и прават сè што можат за да изградат поинаква визија за Западен Балкан.
Затоа силно верувам дека веќе нема војна. Војните завршија. Но има тензии меѓу двете земји.
CIVIL.TODAY: Значи, она што го гледаме овде не е покажување на воените мускули, туку на пропагандни и политички мускули… Во право ли сум тука?
ИСТРЕФИ: Она што го гледаме денес не е ништо различно од она што го гледаме од крајот на војната во Косово. Значи, и тогаш имаше, и сега има тензии. Го имате дури, да речеме, министерот за одбрана на Србија минатата година, придружуван од рускиот амбасадор во Србија, кој ја донесе војската на границата со Косово. Имавме борбени авиони кои крстосуваа во српско-косовскиот воздушен простор. Значи, тоа не е ништо што го гледаме за прв пат. Тоа е, како да се каже, déjà vu од минатото.
CIVIL.TODAY: Го гледам тоа. Вашиот прв одговор е релативно уверлив, смирувачки, дека барем не ризикуваме да видиме војна или вооружен конфликт во регионот. Значи, Вие верувате дека ситуацијата не е толку опасна како што изгледа, или медиумите всушност ја пумпаат атмосферата?
ИСТРЕФИ: Ситуацијата… Мислам дека не треба да потценуваме дека ситуацијата е прилично сериозна. Знаете, дијалогот Косово-Србија, или обидите да се постигне правно обврзувачки договор меѓу двете земји, не е само прашање на Косово и Србија. Тоа е европска работа, тоа е прашање на НАТО. Значи, тоа е прашање што не ги засега само двете земји, туку и другите сојузници и партнери кои ги вклучуваат ЕУ и НАТО.
Ситуацијата е сериозна, но мислам дека ситуацијата е посериозна, бидејќи секоја закана за мирот и безбедноста на Западен Балкан не е само закана за регионот, туку закана за Европа, за нашиот континент и пошироко за светот.
Видовме такви ситуации со руската агресија врз Украина. Мислам дека Путин беше сосема јасен пред да започне агресијата таму, во смисла – „Украина можеби е прашање со кое можеме да се обидеме да се справиме, но НАТО е најмоќната војска на планетата, така што нема да војуваме со НАТО“.
CIVIL.TODAY: Можете ли да ни кажете – зошто сега? Добро, слушнавме дека ова е долгогодишна ситуација меѓу Косово и Србија, но тогаш, повторно се наметнува прашањето – зошто сега? Дали можеме да видиме некоја сличност, или можеби некаква „коинциденција“ со агресијата врз Украина; можеби на Путин му треба втора или трета зона на конфликт, за да го развлече вниманието на Европа и НАТО?
ИСТРЕФИ: Мислам дека има три причини зошто. Една од нив е дека руската агресија против Украина е веќе докажано дека ќе биде најголемиот пораз во поновата историја на Русија.
Второ е дека во ваквото сценарио, кога гледаме дека Русија трпи многу загуби, финансиски, воени, економски и така натаму, и е во голема мера изолирана од остатокот од светот, друг конфликт во различен регион, каде што Русија има значајно влијание, може да им служи на целите на Путин и Русија.
И третото, што мислам дека не е различно, туку оди рака под рака, е дека дијалогот што Косово и Србија го започнаа во 2011 година, со сите успеси и неуспеси, забележа напредок. Но бележи и чекори назад.
Сега постои предлог, француско-германски предлог, кој има поддршка од Европската Унија, од земјите-членки на НАТО и НАТО воопшто, и од САД и Велика Британија. И тоа е план, не е договор, туку план за тоа како можеме да дојдеме до договор. И колку повеќе тоа станува реалност, толку повеќе има тензии. И колку повеќе може да има тензии, пред Косово и Србија да постигнат договор дека ова, или ревидиран план, е нешто што го прават двете земји за да се стави крај на непријателствата што се случуваат. И овој план има крајна цел.
Дијалогот што започна во 2011 година немаше јасна крајна цел за тоа што ќе се случи. Овој има, и мора да биде правно обврзувачки договор, сеопфатен договор што води до целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, а потоа, на косовската страна, постои барање да не може да има никаков договор без експлицитно признавање на косовската државност. На страната на српската влада е ставот за автономија за косовските Срби и дека никогаш не може да има признавање на државноста на Косово од Србија.
CIVIL.TODAY: Значи, позитивниот развој на косовско-српските односи не оди во прилог на политиката на Путин?
ИСТРЕФИ: Не.
CIVIL.TODAY: Гледајќи ја косовската влада, има ли нешто што косовската влада го прави погрешно, или треба да прави, а не прави, или прави нешто повеќе отколку што треба? Можеме ли накратко да го анализираме однесувањето на владата на господинот Албин Курти?
ИСТРЕФИ: Мислам дека владата на Косово треба да направи повеќе да ги координира своите напори со присуството на НАТО и ЕУ во Косово, и воено и цивилно. И мислам дека треба да бара и од Европската унија – позначајна улога во зближувањето на Косово и Србија, барем да се договорат за патот напред, за да се постигне договор.
Лично, мислам дека договорот меѓу Косово и Србија е нешто што треба да биде долгорочна перспектива, повеќе отколку краткорочна, повеќе од нешто што може да се случи сега или во блиска иднина, или среднорочно, по тоа прашање. Значи, мора да биде и ќе биде – долгорочно. Има одреден напредок, има некои позитивни чекори што се случуваат. Конечниот договор доаѓа постепено и се гради врз цврстите основи на мали договори што може да се случат од сега до моментот кога ќе се оствари тој конечен договор.
CIVIL.TODAY: Го ценам Вашиот позитивен и оптимистички пристап кон ова деликатно прашање, навистина. Дали има политички и општествени актери таму, и во Косово и во Србија, кои притискаат кон позитивно разрешување на оваа криза? Можеби иницијативи од медиумите или граѓанското општество и така натаму, освен Балкан Форум, се разбира?
ИСТРЕФИ: Тоа е многу добро прашање и мислам дека знаете – тоа е она што е потребно во време на навистина висока тензија меѓу двете земји. И знаете, мора да размислуваме и за луѓето на северот на Косово, бидејќи тие имаат голем товар во моментов. Има граѓански организации кои се многу гласни, кои во основа го промовираат мирот, кои некако водат дијалог, колку што е можно повеќе, во овие времиња, со различни делови на влади и во Косово и во Србија, и со парламентот, опозицијата… Има опозиција, мислам, и во двете земји кои имаат различен став за тоа како може да се смири ваквата тензија. Значи, многу нешта се одвиваат во таа смисла.
Но има и многу пропаганда, има многу дезинформации. Голем е предизвикот за граѓаните во двете земји да сфатат што навистина се случува. А понекогаш дури и добро информираното граѓанско општество или политичките активисти и медиуми имаат тешкотии да разберат што е во игра. И, како што знаете, дезинформациите во денешно време е лесно да продрат и да допрат не само до оние добро информирани делови од општеството, туку и до младите луѓе, преку ТикТок, Инстаграм и многу други форми на социјални медиуми кои може уште повеќе да ја влошат ситуацијата.
CIVIL.TODAY: Ви благодарам и ви посакувам многу среќа Вам и на сите нас, и Ви благодарам за ова интервју.
ИСТРЕФИ: Ви благодарам многу Вам, на Цивил. Навистина го ценам интервјуто и би ве повикал да продолжите со ваквите дискусии, не само со луѓето кои се во Косово, туку и во регионалните разговори за тоа што се случува во денешно време и што мора да се направи.
Џабир Дерала / ЦИВИЛ Медиа
Камера: Александар Ризински
Видео монтажа: Ариан Мехмети
Обработка на текст: Наташа Цветковска
Превод од англиски: Дескот на ЦивилМедиа