Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Ајде да фрлиме еден брз поглед на тоа колку се успешни санкциите на ЕУ против Русија.
Европската унија постојано се фали со своите успешни санкции против Русија.
„Санкциите се од суштинско значење за значително намалување на способноста на Русија да води војна. Увозот и извозот на Русија се намалени за 20,8% и 12,3%, соодветно. Во ЕУ се замрзнати 20 милијарди евра на лица на листите за санкции. Нашите санкции функционираат. И додека Русија продолжува да води војна во Украина, тие ќе останат“, се вели во објавата на Инстаграм профилот на Европската Комисија на 7 јануари 2023 година, која завршува со хаштагот #StandWithUkraine.
Па, иако сето тоа изгледа толку фенси и големо, реалноста е донекаде поинаква.
Колку и да се труди, Европската Унија не може да избега од фактите. Русија води брутална, геноцидна војна на европско тло, инвазија како од времето на Втората светска војна, само уште поразорна, таргетирајќи ги цивилите од првиот час од војната. Оваа одметничка држава – која никогаш во историјата не била демократска – многупати порано го поткопуваше меѓународното право и глобалниот поредок, а сега тоа го направи докрај и целосно. А ги обвини Западот и НАТО за тоа. Русија ги претвори бегалците, енергијата и храната во оружје на војната. Изврши илјадници воени злосторства за 300+ дена, претворајќи ја земјата од 44 милиони граѓани во машина за мелење месо. Списокот продолжува.
Се чини дека во Брисел и некои други престолнини на ЕУ забораваат дека сѐ започна со нападот на Украина во 2014 година. Нападот започна веднаш по Мајданската револуција, кога Украинците го соборија авторитарниот режим кој со години им служеше само на руските интереси. Осум години, ЕУ игнорираше окупација на 7% од украинската територија. Потоа, целосната инвазија започна и предизвика „решителна“ акција – санкции „за значително намалување на способноста на Русија да води војна“. Ако не беше во прашање тотално трагична и крвава војна, ова ќе беше урнебесна пародија.
Русија со децении водеше пропагандна војна против западните демократии и демократските вредности. Продолжи да води хибридна војна против клучните интереси на ЕУ, САД и другите демократски земји. Поттикнува, поддржува или финансира екстремистички движења на крајната десница и предизвикува конфликти и кризи. Ги корумпира политичарите, медиумите и граѓанското општество. Инсталира шпионски и субверзивни мрежи.
Што правеа ЕУ и други западни демократии во меѓувреме? Водеа бизнис како и обично – со диктатор и ладнокрвен криминалец – Владимир Владимирович Путин. Цели 23 години, Путин прифатен и добредојден и/или длабоко „партнер“ од кого многумина се плашеа. (А дали некој треба да се плаши од партнерите? Не мора да се одговори, тоа беше реторичко прашање.) Вистината е во тоа дека, додека демократските земји беа љубезни партнери со Путин, Русија стануваше сѐ поголема закана за целиот свет, многу долго време пред да ја испрати својата огромна машина за убивање против Украина на 24 февруари 2022 година. А дали некој ја спомна Белорусија? Украина е практично нападната од две земји – Русија и Белорусија. ЕУ изгледа е прилично расположена да простува и заборава кога станува збор за бизнис и политички интерес.
По сето кажано, а уште повеќе од она што се подразбира и е непотребно да се каже – слушаме и читаме – ЕУ ѝ помогнала на Украина и дека нејзините „санкции функционираат“. Чекајте малку. Функционираат санкциите? „Увозот и извозот на Русија се намалени за 20,8% и 12,3%, соодветно“, велат од ЕУ. Или, подетално, прогнозата вели дека руската економија (БДП) е намалена за 4,5% во 2022 година и дополнително ќе падне за уште (проценети) 3,6%. Леле! Дали тоа ЕУ го нарекува успех?
Ајде повторно да ги погледнеме бројките. Всушност, извозот и увозот на Русија се 79,2% и 87,7% во споредба со бројките пред да ја нападне Украина. Рускиот увоз и извоз се зголемија во 2021 година (3,5% и 16,9%, соодветно). Умно. Ако се подготвувате за војна, треба да ги зголемите тие бројки. Па, и за време на војната, руската економија имаше огромни придобивки. Треба да биде доволно само ако споменеме дека профитите на Газпром вртоглаво порасна во 2022 година. Зошто? Меѓу многуте други причини – ЕУ предолго калкулираше со „ограничувањето на цената на гасот“ (price cap). Па, гледајќи ги овие бројки, можеме да заклучиме дека, всушност, на Русија ѝ оди исклучително добро; особено имајќи предвид дека води војна. Агресија.
„20 милијарди евра имот на наведени лица се замрзнати во ЕУ“. Што навистина значи тоа? Дали тоа значи дека ЕУ не направила апсолутно ништо додека „имотот во вредност од 20 милијарди евра“ се создадени и користени од луѓе кои ја поддржуваат руската воена машинерија? Освен тоа, „замрзнување на имотот“ навистина не значи многу. Не може да се продаде, но тие сè уште се во сопственост на сојузниците на Путин. Освен тоа, тие средства може да се одмрзнат во секое време, нели?
Се чини дека Брисел заборава на неколку други критични прашања. Колку милијарди вреди „имотот“ кој сѐ уште е активен? Што е уште поважно – дали, случајно, прецизните бирократи во Брисел пресметале колку милијарди (во пари и акции) во моментов користат руските олигарси со седишта во ЕУ, а кои продолжуваат да ја финансираат војната? Кој има претпоставки за износот на готовина во рацете на руските шпионски оперативци и криминалното подземје кои во моментов се активни низ ЕУ? Колку е во рацете на прокси играчите – во самата Европа – кои прават профити во корист на Путин? Колку такви прокси играчи постојат? Дали некој ги спомнува имотите и кешот поврзан со Белорусија? Да не зборуваме за цел куп азиски и јужноамерикански земји кои играат за свој, но и за рускиот интерес.
Дури и во својот двор, се чини, Брисел, заслепен од тоа што е толку „успешен“ во помагањето на Украина. Очигледно не може да одвои време да размислува за проценка на износите на пари и средства со кои управуваат или поседуваат политичари и бизниси во европските земји што отворено или тајно се на линија со Путин. Да не зборуваме, пак, за екстремно десничарскиот популизам и радикализам, кој е во пораст, поддржан од Кремљ. Се чини дека бриселските бирократи не гледаат дека најмрачните политички групи на континентот ги освојуваат надежите на европската работничка класа. Како во 30-тите години на 20 век.
Во споредба со милијардите американски долари воена помош за Украина од страна на Соединетите Американски Држави и неколкуте милијарди евра од ЕУ, се чини дека Русија, сепак, има предност по ова прашање. Со други зборови, ако Русија може да си дозволи да изгуби дел од увозот и извозот (намалени за 20,8% и 12,3% соодветно), а нејзините олигарси можат да си дозволат замрзнување на околу 20 милијарди средства, поддршката е микроскопска. Сето тоа е прашање на здрав разум. Без оглед на тоа колку се фантастични инфографиците на ЕУ на Инстаграм.
*
Сепак, без разлика колку е далеку од доволно, поддршката од ЕУ останува суштински потребна и бажна. Оваа изјава е колку жална, толку и понижувачка и загрижувачка за сите. Покрај сѐ, ЕУ навистина може да направи повеќе и подобро. Мора. Ако не за доброто на човештвото или за доброто на украинскиот народ, тогаш сигурно за добробитта и слободата на граѓаните на ЕУ. Ако навистина се грижи за граѓаните.
Цели девет месеци му беа потребни на Европскиот парламент да ја прогласи Русија за државен спонзор на тероризмот. Додека теророт и воените злосторства беа очигледни од самиот почеток. Зошто? Затоа што тоа не ѝ се случува на ЕУ? Па, сето ова ѝ се случува и на ЕУ. И ако не дејствува, состојбата само ќе се влошува. Единствената разумна мерка за ЕУ и другите земји од „демократската хемисфера“ можеше да биде да воведат целосна забрана за секаква трговија со Русија, целосно ембарго и итна и целосна воена поддршка на Украина. Сè помалку од тоа (како што, впрочем, е случајот) води кон понатамошно огромно страдање и уништување на Украина.
*
Оваа трагична приказна – приказната за Украина – е приказна за слободата и демократијата на светот. Далеку е од својот крај. Откако храбриот народ на Украина ќе победи во војната против агресорот, таа сè уште треба да ги лечи длабоките рани на општеството и да ја обнови земјата – инфраструктура, болници, училишта, културни институции; економија, безбедност, одбрана… Треба да се грижи за длабоко трауматизираните деца, жени, стари лица; војници, заробеници, бегалци, депортирани, заробени, мачени, киднапирани, ранети, силувани, осакатени…
Но, ЕУ е горда. „Санкциите се од суштинско значење за значително намалување на способноста на Русија да води војна“, вели ЕУ.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia