Интервју за НОВА со амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Јаин.
Во надворешната политика, разбирливо ваш приоритет е војната во Украина.
Дали како претседателство ќе иницирате преговори кои ќе доведат до решение? И кои би биле принципите по кои би се водела една ваква иницијатива?
Ситуацијата во Украина е поразителна. Нелегалната, неприфатлива и неиспровоцирана целосна инвазија на Русија на Украина е закана и за европската безбедност, со страшни последици врз миграцијата, глобалната безбедност на храна и енергетските резерви.
Целосната руска инвазија на Украина значи дека Заедничката надворешна и безбедносна политика ќе биде високо на агендата на ЕУ за време на шведското претседателство. Во интерес на ЕУ е да придонесе за спротивставување на руската агресија. Континуираната поддршка за Украина – политичка, економска, воена, хуманитарна и правна – ќе биде клучна, како и различни видови мерки како одговор на руската агресија и дејствија во голем број области погодени од војната. Ова го вклучува тековниот процес на проширување, соработката со нашите клучни партнери, зајакнувањето на способноста на ЕУ за управување со кризи и пошироката глобална агенда. Приоритет ќе биде и воспоставувањето меѓународна координативна платформа.
Ротирачкото претседавање сега го има Шведска, но со Советот за надворешни работи претседава високиот претставник на ЕУ. Шведското претседателство ќе ги поддржи претседателот на Европскиот совет и високиот претставник во нивните напори за целосно искористување на уникатниот сет на алатки со кои располага ЕУ, во тесна координација со Комисијата и во близок дијалог со Украина. Најважната задача на Претседателството во областа на надворешната и безбедносната политика е да придонесе кон обединета, ангажирана и ефективна ЕУ.
Северна Македонија зазеде недвосмислен став во поддршка на Украина, ставајќи ја земјата цврсто на иста линија со силната меѓународна алијанса против руската агресија и за демократија и меѓународно владеење на правото. Северна Македонија, исто така, ќе игра клучна улога во европските безбедносни прашања како претседавач со ОБСЕ оваа година.
- Дали вие како претседавачи гледате можност за решавање на косовското прашање?
Внимателно ја следиме ситуацијата и ја поддржуваме работата на ЕУ и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина. Што се однесува до дијалогот, ги охрабруваме двете страни да се ангажираат конструктивно и да ги спроведат договорите од преговорите со добра волја.
- Зошто процесот на проширување не е издвоен како посебна точка во вашиот мандат туку како дел од надворешната политика?
Шведската влада постави четири приоритети за Претседателството: безбедност и единство, конкурентност, зелена и енергетска транзиција и демократија и владеење на правото. Тоа се тематски прашања кои се многу релевантни за сите аспекти на проширувањето на ЕУ, што е процес кој се протега во текот на неколку претседателства. Нашата програма на Претседателството исто така нагласува дека безбедносните случувања во Западен Балкан се важни и за регионот и за ЕУ, дека шведското претседателство ќе го продолжи процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан и дека иднината на овие земји лежи во ЕУ.
- Дали успехот на екстремната десница на последните избори во вашата земја ја прави шведската влада повоздржана во однос на проширувањето?
Шведскиот став за проширувањето на земјите од Западен Балкан продолжува да биде во поддршка на проширувањето, и како Претседателство бевме многу јасни дека иднината на овие земји е во ЕУ. Сепак, одредниците за пристапување мора да бидат исполнети. Процесот ќе биде и мора да биде ригорозен. Основите на ЕУ вклучуваат демократија, владеење на правото и човекови права. Не случајно тие се областите што го започнуваат и завршуваат процесот на пристапување во ЕУ.
- Дали шведското претседателство може да помогне да се надминат поделбите во Северна Македонија за да се обезбеди потребното мнозинство за уставните измени кои се услов во преговарачкиот процес?
Одлуката за уставните амандмани е во рацете на политичките лидери во Северна Македонија.
Шведска е силен поддржувач и посветен партнер на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, вклучително и преку нашата значителна реформска соработка со земјата. Минатата година шведската поддршка за реформска соработка изнесуваше околу 6 милиони евра и оваа година се очекува зголемување на нашата поддршка. Ја поддржуваме Северна Македонија во областите на демократијата, владеењето на правото, човековите права, родовата еднаквост, животната средина, економскиот развој, инклузивни општества и други области.
- Дали постои опасност сегашниот процес да биде суспендиран доколку Северна Македонија не ги спроведе уставните измени во блиска иднина?
Северна Македонија добро го започна процесот на скрининг и овој процес ќе продолжи во периодот додека Шведска претседава со Советот. Северна Македонија се обврза да ги направи уставните измени. Унапредувањето на реформската агенда и следењето на спроведувањето на реформите е исто така клучно за придвижување на процесот напред.
- Шведската дипломатија е позната по својата посветеност на превентивната дипломатија. Дали имате план како да спречите ескалација на ситуацијата во регионот и евентуално назадување на демократските процеси?
Безбедносните случувања во Западен Балкан се важни и за регионот и за ЕУ. Во време на глобално назадување на демократијата, гласот на ЕУ е поважен од кога било. Шведска ќе работи на тоа човековите права, демократијата, владеењето на правото, родовата еднаквост и мирот и безбедноста да имаат влијание врз Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Шведска има намера да придонесе во среднорочниот преглед на Акциониот план на ЕУ за човекови права и демократија, кој ќе се спроведува за време на нејзиното претседавање. Шведска ќе се стреми да обезбеди дека Акцискиот план за родова еднаквост и зајакнување на жените во екстерното делување 2021–2025 (ГАП III) се спроведува.
- Корупцијата е важно прашање. САД се многу вклучени во овој процес. Дали како претседателство ќе пробате нешто за да ја олесните борбата против корупцијата?
Шведското претседателство дава приоритет на заштитата на основните вредности на ЕУ, кои вклучуваат борба против корупцијата. Затоа, почитувањето на принципот на владеење на правото и демократските вредности во и надвор од Унијата ќе биде суштински елемент на шведското претседателство.
Корупцијата е корозивна за општеството бидејќи ја слабее демократијата со поткопување на довербата во институциите. Борбата против корупцијата како димензија на владеењето на правото е фундаментална за членството во ЕУ. Процесот може да биде тежок, но ќе биде трансформативен. Граѓаните на Северна Македонија ќе имаат корист штом ќе се спроведат реформите.
Шведска обезбедува поддршка преку нашата реформска соработка на вештото истражувачко новинарство, бидејќи слободните и независни медиуми се клучни за борба против корупцијата. Дополнително, Шведска ја поддржува подготовката на анализи за родот и корупцијата, спроведени од UN Women.