Руската пропаганда фалсификуваше реклама на најпознатиот светлечки билборд во главниот град на Германија, Берлин.
Државните медиуми на Кремљ, руските канали на телеграм и проруските профили на твитер споделуваат видео наводно направено од случаен минувач во близина на светлечкиот билборд за реклами во центарот на Берлин, пренесуваат од Укринформ.
На видеото прикажани се два германски тенкови: тенк Пантер од Втората светска војна со наслов „1943“ и тенк Леопард со наслов „2022“.
На сликата исто така се гледа прашање на германски што се преведува како „Можеби, нема потреба да се прави ова повторно?“
На овој начин руските пропагандисти ја промовираат тезата дека германското општество се противи на идејата за испорака на германските тенкови Леопард 2 во Украина.
Споменатото видео е лажно, ваква реклама никогаш не била снимена во Берлин, а камоли да се прикажува на рекламните екрани во градот, велат од Укринформ.
Инаку, овој интерактивен билборд се наоѓа на фасадата на футуристичкиот деловен центар „Ku’damm Eck“ на раскрсницата на „Kurfürstendamm“ и „Joachimsthaler Straße“.
На споменатиот светлечки билборд постојано се рекламираат различни светски брендови, премиери на филмови, серии, театарски претстави, ликовни изложби и сл.
Компанијата „Limes“, која се занимава со прикажување на содржина на екранот, ги објавува сите реклами на својот јутјуб профил.
Руските пропагандисти снимиле видео во кое се рекламира уметничкиот проект „Здраво, Кој? од британско-јапонскиот уметник Сајмон Фуџивара, го извадиле делот од 15-та до 22-та секунда, а оригиналната реклама ја замениле со видео со тенкови.
Оригиналното видео е снимено на 7 април 2022 година, повеќе од 10 месеци пред германскиот канцелар Олаф Шолц да одобри испорака на тенкови Леопард 2 во Украина.
Трансферот на тенковите Леопард во Украина постојано беше предмет на руски фалсификати.
Подготви: А. Р.