Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодветсвуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави, истакна во објава на Фејсбук, премиерот Ковачевски.
„Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, нагласи Ковачевски.
Стаклото на влезот на македонскиот културен клуб во Благоевград „Никола Вапцаров“, синоќа околу 21 часот било искршено, јавија бугарските медиуми.
Полицијата не сакала да даде дополнителни информации за настанот. Пред клубот имало неколку полициски коли, а полицијата забранувала снимање, јави БНТ.
Клубот беше отворен на 30 октомври 2022 година.