Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска ќе учествува на завршната сесија на Форумот на граѓанското општество, кој годинава се одржува во Тирана, на тема „Отклучување на напредокот: Европска иднина на Западен Балкан“.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Маричиќ на затворањето на форумот ќе размени идеи и ќе испрати порака од тематската дискусија, „Отклучување на напредокот: Што понатаму?“, на која главен говорник е Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот, со кој вицепремиерот ќе оствари билатерална средба.
-Форумот за граѓанско општество и тинк тенк 2023, кој се одржува на 14 и 15 октомври во Тирана, го организира Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан, во соработка со OSF-WB, Грчката фондација за европска и надворешна политика и Институтот за соработка и развој. Целта на овој форум е да биде клучна платформа за конструктивен дијалог и соработка кои ќе придонесуваат кон унапредување на интересите на Западен Балкан и поттикнување позитивни промени во регионот, наведува СЕП.
Форумот се одржува во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес кој утре ќе се одржи во Тирана, каде што Маричиќ ќе биде дел од владината делегација што ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.