Гласноста на лажните патриоти имаше за цел да ја потисне веста дека Европската унија изготви План за раст на економиите на Западен Балкан. Овој план има за цел да го подигне економското ниво за да го приближи нивото на животниот стандард на жителите од Западен Балкан со жителите на Европската Унија, изјави заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска на трибината „Македонското земјоделство на европскиот пат“ во Струмица.
Таа додаде дека тоа е голема шанса за нашата економија, која не смееме да ја пропуштиме, бидејќи станува збор за отворање на големиот европски пазар и шест милијарди евра помош.
„Тука мислам и на земјоделите, на производството на храна и на вино. Нам не ни се непознати светските пазари, но сега на дофат ни е големата шанса. И ние, ниту досега ниту отсега, нема да ги оставиме оние кои егзистираат од земјата зашто сите ние во суштина живееме од таа земја. Тоа е ставот на СДСМ. Затоа, на чекор сме до целосно бесплатна зелена нафта, нешто кое што го ветивме дека ќе го направиме до 2024 година“, истакна Лукаревска.
Заменик-претседателката додаде дека веќе се воведени грантови за поддршка на жените во земјоделието, а преку грантови се поддржуваат и младите земјоделци.
„За прв пат, донесовме програма за мајчинство преку кој жената земјоделка добива надомест за новороденче. Работиме на системско решение кое ќе и овозможи поголеми права како мајка“, рече Лукаревска.