Слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата во едно општество и со заштитата на јавниот интерес. Новинарството е слободна професија и како таква е потребно да подлежи на принципот на саморегулација од страна на медиумските тела и организации, напиша претседателот на државата Стево Пендаровски на својот фејсбук-профил.
Тој смета дека јавноста има право да биде навремено и точно информирана за сите важни прашања во едно општество кои се однесуваат на јавниот интерес.
Граѓаните, исто така, имаат право да очекуваат судиите кога пресудуваат да ја почитуваат слободата на изразување, правото на граѓаните да бидат информирани за теми од јавен интерес и да му дадат приоритет на јавниот интерес наспроти поединечниот интерес особено кога се работи за прашања кои го засегаат големото мнозинство од општеството. Во таков случај, во јавен интерес е јавноста да биде запознаена со релевантни факти од значење за тие прашања, објави Пендаровски во однос на изречената пресуда на граѓанскиот суд во случајот Кочо Анѓушев и компанијата „Брако“ против Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ).
Според него, „етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој. Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи“.