„САД се во право кога велат дека ВМРО-ДПМНЕ мора да сподели конкретен план и чекори за тоа дали и на кој начин ќе ја продолжат евроинтеграцијата на нашата земја. Македонија мора да остане на патот на членство кон ЕУ, тоа е најдобрата опција“ – констатираат политичките аналитичари.
– „Hic salta Hic Rodos“. Тука е Родос, тука рипни, или може да се преведува прво рипни па викни оп. Тоа е античката поговорка, еден фалбадџија на олимписките игри кој се фалеле дека ќе рипне најдалеку кога не успеал во тоа тврдел дека на Родос рипа многу далеку. Мудрите организатори му рекле дека тука е Родос, тука рипни. И Мицкоски како чаламџијата од Родос четири години тврди дека ќе победи на предвремените парламентарни избори. Еве стаса редовните и тој уште шири победничка атмосфера а стравот кој го обзема одвај успеа да го прикрие со разни нарачани анкети. Уплашен е оти може да му се случи да ги изгуби изборите, па дури и ако победи да не може да формира мнозинска влада, анализира за „Фронтлајн“, Ерол Ризаов – новинар, публицист со долгогодишно искуство во журнализмот.
Е сега, додава тој, да видиме што ќе прави ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски ако има мнозиство во Собранието и стане премиер.
– Да не си му во кожа а уште полошо за иднината на Северна Македонија. Ќе има два избора. Едниот подобар да се признае дека цело време лаже за поништување на склучените договори со Грција и Бугарија, да признае дека нема бугаризација и асимилација и да ги моли од опозицијата да не бидат глупави како врвот на ВМРО ДПМНЕ кој нанесе несогледливи штети и да се изгласа со двотретинско мнозинство она што тој и неговата партија не го направија и нанесоа огромни ненадомесливи штети. Се разбира Мицкоски тоа нема да го направи туку евентуални ќе прави медиумска пропаганда дека ќе направи подобри договори со Бугарија заради некоја козметичка промена. И толку, нагласи Ризаов.
Според него, втората варијанта е најлоша а можно е да се случи Мицкоски да ги исполни ветувањата и да не направи ништо.
– Тогаш не мора сто години да чекаме и никој што сме живи да не дочекаме европска Македонија. Доволно е една, две години Мицкоски да продолжи да глуми патриот и ќе ја заврши работата засекогаш со кутра Македонија. Ете тоа е таа доктрина да се молчи за најважното стратешко прашање, или да се повторува папагалски и ние сме за европска Македонија ама не под овие услови. Епа други услови нема, подвлече тој.
Американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер во последното нејзино телевизиско појавување изјави дека ќе биде среќна ако Мицкоски го покаже планот за евроинтеграциите.
„Ќе бидам среќна ако Мицкоски ми го покаже планот, но уште поважно е транспарентно да го покаже пред граѓаните“ – изјави Агелер.
Според неа, важно е граѓаните да излезат на избори бидејќи апстиненцијата нема да донесе никакви промени. Но, во исто време, како што вели Агелер, граѓаните мора од политичарите да бараат тие детално да ги образложат своите планови за да може да го одберат вистинскиот кандидат.
Дестан Јонузи