Новинарот и политички аналитичар Зоран Бојаровски – коментирајќи ја предизборната реторика на политичките партии во изјава за „Фронтлајн“ вели дека непознато е дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се освести, бидејќи, како што вели, „не гледам ништо што навестува такво нешто“.
– Некој можеби ќе рече дека е рано, дека ги чуваат аргументите за своите политики за изборната кампања, но она што е парадоксално е дека во актуелната, постоечка реторика, нема никакви навестувања барем за контурите на кои би се изградила изборната програма. Она што го гледаме е само континуитет на критики на политиките на актуелната власт без да се понуди конкретна алтернатива. На пример за стратешките инвестиции во енергетиката. Ги негираат придобивките кои практично значат целосна енергетска независност на земјата, а не кажуваат како планираат да го решат прашањето на ризиците со кои се соочуваме како земја зависник од енергетскиот глобален пазар, изјави Бојаровски за „Фронтлајн“.
Според него, уште еден континуитет на ВМРО-ДПМНЕ е инсистирањето на националистичката реторика којашто ја спротивставуваат на нашиот евроинтегративен процес.
– Сега се препознава зошто ги блокираа уставните процеси и со тоа ги запреа преговорите со ЕУ. Само за да го цедат националистичкиот наратив и да шират евроскетицизам како добитничка изборна карта. Но во врска со ова прашање, во сопственото слепило забораваат дека нема да можат да формираат влада без коалиција со партија на Албанците, која, која и да биде, прво што ќе им испорача како услов е брзата промена на уставот за да продолжи процесот на преговори со ЕУ, а некако се повеќе мислам дека ќе има и други услови кои ќе бидат тешки да бидат проголтани, баш заради сопствениот национализам, нагласи тој.
Дестан Јонузи
Поврзано:
Континуитет на ВМРО-ДПМНЕ е инсистирањето на националистичката реторика