По четири години од преземените акциски планови од страна на владите во Берлинскиот процес околу делот на заедничкиот регионален пазар и зелената агенда, прогресот не е голем. Сè уште најголемото достигнување е слободниот роаминг за земјите од Западен Балкан која е реална придобивка, меѓутоа далеку е од тоа дека е доволно и доволен аргумент да се каже дека е направен прогрес.
Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија – ИДСЦС изјави дека од сите шест земји од Западен Балкан во Берлинскиот процес (Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово), БиХ е најголем проблем во имплементацијата на овие договори. Потенцира дека Северна Македонија е на релативно солидно ниво.
– Волјата на државите е делумно тука, но и делумно е проблем бидејќи билатералните спорови особено помеѓу Србија и Косово, но тука е делумно и Босна вклучена исто така ги оневозможуваат овие заеднички придобивки да се постигнат, бидејќи мора да се носат на консензуално ниво, да бидат прифатени од сите за да функционираат за сите. Уште еден индикатор, како владите се фокусираат само на проблемите наместо да се фокусираат и за решенијата коишто се од заеднички интерес за сите нас. Тука се и зелените ленти, односно појасите на граничните премини кои треба да овозможат непречен проток на камиони, тука се дипломите, мобилноста, дигитализацијата, процесите на декарбонизација на нашата економија којшто е многу важен бидејќи не се само здравата животна средина. Почва, вода, воздух итн., придобивки од декарбонизацијата, туку и реално нашата економска активност, економскиот сегмент ќе страда бидејќи странските инвеститори се пенализирани внатре во своите земји доколку своите производи ги создаваат преку нечиста енергија која што кај нас доминира итн, истакна Трошановски на презентација на извештаите од набљудувањето на акциските планови за Заеднички регионален пазар и Зелена агенда од страна на ИДСЦС.
Потенцираше дека импликациите се многу и оти Владите треба да ги надминат.
– Гледам онака ги игнорираат билатералните несогласувања за теми за кои што неспорно постои заеднички консензус дека на сите ќе ни бидат од корист, вели Трошановски.
Нано Ружин – универзитетски професор и поранешен амбасадор во НАТО во изјава за „Фронтлајн“ вели дека Берлинскиот е позитивен процес – овозможува поголема подготовка на државите од Западен Балкан на патот кон Брисел.
– Берлински процес е една помошна алатка за помош на државите од Западен Балкан, за економски, социјален и политички процес од една страна, и од друга страна за подобрување на нивните заемни односи. Берлинскиот процес беше најавуван многу помпезно за после неколку години да се маргинализира, а тоа се должеше над се на евроскептицизмот и на европјаните, но исто така и на проблемите со кои се сочуваа Западен Балкан особено релациите Белград – Приштина, како и состојбите во БиХ и Република Српска. Затоа беше инициран другиот паралелен процес за балканските држави – Отворен Балкан – кој можеби беше погрешно протолкуван од повеќе политичари кои не го прифатија овој процес. Но, Отворен Балкан го анимираше Берлинскиот процес кој придонесе државите од Западен Балкан и оние од ЕУ да почнат што повеќе да иницираат околу овој процес, анализира професорот Ружин.
Тој потенцира дека Берлинскиот процес придонесува кон подобра и појасна преспектива на државите од Западен Балкан.
– Државите од Западен Балкан што се однесува до Европската Унија ќе се примат според системот регато – односно најдобриот прв, па после – по првиот – вториот…, согласно постигнувањата, амбициите, реформите што ги направиле. Берлинскиот е позитивен процес – овозможува поголема подготовка на државите од Западен Балкан на патот кон Брисел, подвлече тој.
Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји по вчерашната средба со министерот за европски прашања Орхан Муртезани истакна дека проширувањето на ЕУ е заедничка цел.
– Проширувањето е наша заедничка цел. Се согласивме дека нема време за губење кога станува збор за комплетирање на потребните чекори, наведе Вархеји, додавајќи дека сите алатки се тука за да се направи голем успех за луѓето од земјава.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче на последната средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија Петра Дрекслер разговараше и за процесот на европската интеграција на државата.
Филипче изразил загриженост од политиката на актуелната власт во однос на евроинтеграцискиот процес, нагласувајќи дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија и дека СДСМ останува посветен во исполнување на преговарачката рамка и на суштинските реформи во рамки на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.
– СДСМ во периодот кога ја предводеше Владата реализираше сериозни реформски исчекори во однос на придвижување на евроинтеграцискиот процес на државата. Но, во моментов имаме ситуација кога актуелната власт нема јасен план на оваа тема, изјавил Филипче.
Од друга страна, Северна Македонија не може да оди напред на својот пат кон ЕУ без да ги одобри и уставните измени за воведување на бугарската заедница во Преамбулата, како обврска преземена со францускиот предлог за да може државата да започне преговори со ЕУ.
Владата на 18 јули 2023 го достави Предлогот за уставни измени до Собранието. Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата.
Вметнувањето на Бугарите во Уставот е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-членетото Собрание.
На потребата од донесување на уставните измени укажуваат претставници на Меѓународната заедница кои во изминатиот период упатуваат пораки дека промената на Преамбулата е гаранција за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и дека целиот процес треба да се демистифицира и дека преку него нема да се изгуби идентитетот, јазикот или историјата.
Што е Берлинскиот процес?
Берлинскиот процес е иницијатива за меѓувладина соработка која има за цел да ги ревитализира мултилатералните врски меѓу Западен Балкан и одредени земји од ЕУ, како и да ја подобри регионалната соработка на земјите од Западен Балкан на полето на инфраструктурата и економскиот развој.
Иницијативата почна со првата конференција за Западен Балкан во Берлин во 2014 година. Берлинскиот процес го иницира тогашната германска канцеларка Ангела Меркел откако тогашниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер најави дека во наредните пет години ќе нема проширување на ЕУ.
Дестан Јонузи