Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, од Брисел соопшти дека имал пријателска и продуктивна средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Како што наведе, разговорот бил во духот на заемно пријателство и поддршка за приближувањето на Македонија кон Европската Унија.
„Господинот Кошта е голем пријател на Македонија и во таков дух помина денешната средба. Повторно разговаравме за актуелните теми, нормално – приближувањето на нашата земја кон Европската Унија и конечно формалното отпочнување на преговорите,“ изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека македонската страна ги повторила своите „единствени и достоинствени позиции“, кои, како што рече, се резултат на сите понижувања што државата ги доживеала во изминатите 25 години од почетокот на европскиот пат.
На средбата, покрај евроинтеграциите, било разговарано и за повеќе инфраструктурни и економски теми: гасниот интерконектор со Србија, крак од гасоводот кон Косово, тарифите за извоз на челик и челични производи, како и за заедничкиот проект со Европската комисија за развој на Кочани и кочанскиот регион.
„Имавме исклучително успешна и продуктивна средба. Продолжуваме и понатаму со нашите активности овде во Брисел. Денес имаме настан со Еуроњуз, а вечерва и вечера со комесарката Марта Кос. Сигурен сум во позитивни вести,“ додаде премиерот Мицкоски.





