Процесот за уставни измени повторно се враќа во политичкиот фокус, но и покрај најавите за интензивирање на реформите, аналитичарите гледаат недостиг од јасна политичка одлука кога станува збор за отворањето на процедурата.
Во изјава за Фронтлајн, политичкиот аналитичар Бесим Небиу смета дека комуникацијата на премиерот не упатува на подготвеност за конкретни чекори.

– Ако ја следиме јавната комуникација на премиерот Мицкоски и пораките во изминатиот период, тешко е да се заклучи дека постои вистинска политичка волја за отворање на процесот на уставни измени. Напротив — доминира наратив кој постојано ги повторува условите, сомнежите и потребата од дополнителни гаранции, без при тоа да се наѕира конкретен временски или политички план како да се излезе од ќор-сокакот, анализира Небиу.
Тој додава дека моменталните околности не упатуваат на политичка подготвеност.
– Засега, не гледам јасни, и недвосмислени сигнали дека премиерот е подготвен да преземе политички ризик и да влезе во овој процес. Тоа не значи дека позицијата не може да се промени во иднина, но во овој момент, според сѐ што е јавно кажано и направено, уставните измени изгледаат повеќе како далечна можност отколку како реален и подготвен политички чекор, додаде нашиот соговорник.
Долгогодишниот новинар и политички аналитичар Ацо Кабранов за Фронтлајн вели дека евроинтегративниот процес е јасно дефиниран.

– ЕУ е јасна. Интервенција во уставот односно исполнување на францускиот договор кој сме го прифатиле, па после тоа почеток на преговорите со EУ за прием на Македонија во полноправно членство. Тоа секој функционер од EУ што дошол или со кои контактираат нашите власти јасно и гласно им го кажува. Се друго се приказки на Мицкоски и тие околу него, а реално мислам дека толку и не му се брза — не толку нему, туку олигарсите кои го контролираат и го поставија за премиер на државата, вели Кабранов.
Кабранов оценува дека гаранциите за процесот се само политичка алатка.
– Еве јас не знам и не верувам за некакви гаранции, тоа е пуста желба на Мицкоски како алиби пред народот кој тој со неговата медиумска пропаганда со години, заради рејтинг, го труе против уставните измени и Европа која не мразела, оцени тој.
Владата најавува усвојување на 10 од 12 реформски чекори
Владата останува на ставот дека до крајот на годината ќе ги реализира обврските од Планот за раст со Европската унија. Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека нема причина законите да бидат блокирани во Собранието:
„Имаме јасен план, јасен фокус. Нашата стратегија е да бидеме најдобрите во одделението. Тоа и ќе го направиме. Ако некој тоа не го цени, ако мисли дека билатералните прашања треба да бидат пречка за влез во ЕУ, жалам, но ние тука не можеме ништо да направиме.“
Планираните активности опфаќаат усвојување на Законот за енергетика, усогласување на Изборниот законик со забелешките на ОБСЕ, законите за обвинителство и судови, како и формирање регистар на акционерски друштва.
СДСМ – Македонија повторно се наоѓа во изолација
„Наместо држава што чекори напред, со јасна европска перспектива, денес гледаме изолирана земја додека целиот регионот напредува. Нема реформи во ниту една сфера, економијата тоне, странските инвеститори си заминуваат, власта сака повторно да го конторлира судството, целосно е заглавен европскиот пат на земјата. Власта вели „не е време за реформи“ и ја турка земјата во опасен правец. Тоа е истиот рецепт што Груевски го применуваше пред бегството во Будимпешта. Наместо партнерство со нашите сојузници не се случува ништо, не сме во периметарот на ниту еден наш стратешки партнер, соопштуваат од СДСМ.
ДУИ предупредува од ризик од губење европски средства
Од ДУИ стравуваат дека доцнењата може директно да го загрозат пристапот до гарантните европски фондови.
– Ова е сериозен аларм… Доцнењата, административните блокади и недостатокот на усогласување со стандардите на ЕУ ја оставаат земјата зад регионот и го ризикуваат пристапот до средства што им припаѓаат на нашите граѓани, порача потпретседателон и пратеник на ДУИ, Арбер Адеми.
Партијата најавува поддршка за усогласувањето на законодавството со ЕУ.
Муцунски: Европската интеграција е геостратешка неопходност
Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, истакна дека европската интеграција останува „процес од најголема важност за мир, безбедност и економски развој“, нагласувајќи дека Северна Македонија останува целосно посветена на европскиот пат.
И покрај различните политички интерпретации во јавноста, позицијата на Европската унија останува недвосмислена – почетокот и продолжувањето на преговорите со Северна Македонија зависат од усвојувањето на уставните измени, како дел од рамката што земјата веќе ја прифати во францускиот предлог.
Изјавите на домашни и европски функционери укажуваат дека не постојат дополнителни или нови гаранции, туку обврски кои се веќе поставени.
Дестан Јонузи





