Во последните неколку недели, македонската јавност повторно се најде во центарот на жестока политичка пресметка, но и уште подлабока дилема, дали Владата навистина води тајни преговори за прифаќање мигранти кои Велика Британија ги одбива, или станува збор за шпекулација претворена во политичка алатка? Наместо институционални одговори, граѓаните добија спротивставени тврдења, инсинуации и медиумски „бомби“ кои само ја продлабочуваат недовербата.
Истражувањето на Фронтлајн ги анализира изворите, изјавите, официјалните ставови и тишината на Владата која станува сè погласна од секој нејзин демант. Каде е вистината и зошто Македонија дознава за можни меѓународни договори преку странски медиуми, наместо преку сопствената Влада?
Македонија е „следната станица“ за британскиот модел на мигрантски центри
Британски, германски и регионални медиуми веќе со месеци анализираат нови модели за префрлање мигранти од Обединетото Кралство во трети земји. Во тие анализи, Македонија сè почесто се споменува како „следна потенцијална дестинација“.
Овој модел предвидува мигранти одбиени од британските институции да бидат испраќани во држави надвор од ЕУ, каде би чекале процедура за депортација или повторна проценка. Во дел од објавените информации се спомнува и износот од околу 20.000 фунти по лице – сума што Британија би ја исплаќала за секој мигрант сместен во трета држава.
Во регионот веќе има конкретни примери: Косово прифати мигранти од Велика Британија, а Албанија се согласи да изгради центри за мигранти од Италија. Според извештај на „Deutsche Welle“, пред само неколку дена „40 мигранти биле донесени со воен брод во центрите во Албанија“, што покажува колку брзо се спроведуваат ваквите модели.
СДСМ: „Светските медиуми не можат сите да лажат – Владата мора да одговори што преговара“
Од најголемата опозициска партија, СДСМ, тврдат дека алармираат врз основа на факти и јавни објави од меѓународни медиумски куќи, а не врз основа на шпекулации.
– Не е само британската медиумска сцена, многу светски медиуми објавија анализи и информации за планот за ‘центри за враќање на мигранти’ од Британија во земјите на Балканот, велат од СДСМ, додавајќи дека регионалните искуства само го потврдуваат трендот.
Тие потсетуваат дека Косово веќе има воспоставено ваков модел, а Албанија прифати изградба на центри за мигранти од Италија.
Според партијата, Македонија е директно споменувана во дел од британските анализи, а тоа, според нив, бара итна реакција од институциите.
Во една од најострите критики кон Владата, СДСМ прашува:
„Ова е вистината! Дали лаже светската медиумска сцена? Дали лаже СДСМ? Кој лаже? Владата на Мицкоски. Владата нема пари, веќе ѝ недостигаат 1 милијарда евра, очигледно сакаат да земат кредит од 6 милијарди евра и за возврат да донесат мигранти.“
Андреј Жерновски: „Не зборуваме за мигранти во кампови – тие ќе се движат слободно и ќе работат во Македонија“
Сериозни критики кон можниот договор со Велика Британија пристигнуваат и од членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски, кој во дебатната емисија Топ Тема на Телма изнесе низа предупредувања за потенцијални безбедносни и политички последици. Тој оцени дека прифаќањето на мигрантите во модел кој се споменува во британските медиуми би ја направило државата „исклучително небезбедна“.
„Веќе слушаме детали дека ќе бидат платени дваесет илјади фунти по мигрант. ‘Кои мигранти?’ Тоа се оние што Британија одбива да ги прими, а кои кај нас ќе се движат слободно“, рече Жерновски, истакнувајќи дека станува збор за лица за кои британските власти веќе процениле дека не ги исполнуваат условите за престој.
Според него, најзагрижувачки е тоа што, според информациите од британските институции и медиуми, овие лица во Македонија не би биле сместени во кампови, туку би имале право на слободно движење низ целата држава, вклучувајќи и пристап до работни места.
– Не зборуваме за мигранти кои ќе бидат сместени во кампови и ќе ги чуваат чувари. Тие ќе бидат тука меѓу нас, и ние ќе ги гледаме. Не сакам моите деца, нашите деца, да ги доживеат оние сцени што ги гледаме надвор — дивјаштва, грабежи, криминал. Тоа не сакам да го видам во нашата држава, предупреди тој.
Жерновски укажува и на сериозен недостиг на транспарентност од страна на Владата, потенцирајќи дека јавноста дознава детали за можното партнерство со Британија преку странски медиуми, а не преку институциите кои наводно преговараат.
„Некој преговарал без да ги праша граѓаните, сам си зел право да разговара за тоа, и тоа сега излегува на површина. Бараме одговори: зошто ние како македонски граѓани да ја добиваме вистината преку медиуми од друга земја, а не од нашата влада?“
Тој смета дека прашањето бара итна реакција бидејќи, доколку еднаш се постигне договор и мигрантите бидат испорачани во земјава, „нема назад“.
Во завршниот дел од неговата изјава, Жерновски го постави прашањето што, како што вели, Владата избегнува да го адресира:
„Или нема да има во Македонија шест милијарди евра, или нема да има мигранти — едното со другото не оди. Тоа е вистината што ја прашуваме уште од мај. Дали е можно Британија да ѝ даде 6 милијарди евра на Македонија без да прими ниту еден мигрант?“
Овој дел од неговите тврдења дополнително го отвора прашањето дали економските притисоци врз државата се користат како мотив за договори со недоволно објаснети последици.
Што е „Safe Country“ – проектот што премиерот Мицкоски го споменува, а никој не го има видено?
Мицкоски – нема да прифатиме ниту еден илегален мигрант
„Додека сум јас премиер, нема да ‘никне’ ниту еден шатор за мигранти и нема да прифатиме ниту еден илегален мигрант.“, изјави премиерот Мицкоски
Тој најави и нов државен проект.
„Ќе развиеме проект ‘Safe Country’, со кој границите ќе бидат целосно под мониторинг, за да не се случува илегална миграција, шверцување, нелегална трговија.“
Нема објаснување што точно значи „Safe Country“
Но, јавноста нема ниту еден документ, концепт, буџетски план или техничко објаснување што точно значи „Safe Country“. Ниеден министер не даде детали, каков систем ќе се постави, колку ќе чини, кој ќе го финансира и што е врската меѓу овој проект и информациите за британските планови.
Во отсуство на конкретни податоци, „Safe Country“ повеќе личи на политички слоган отколку на оперативна стратегија. И уште поважно, не дава одговор на прашањата што ги поставува опозицијата – дали има договор, преговори или комуникација со британските власти.
Владата молчи, медиумите зборуваат, а граѓаните дознаваат од странски медиуми
Македонија е мала земја со ограничени ресурси и слаб институционален капацитет за справување со големи мигрантски групи. Затоа секоја информација дека државата би можела да прими мигранти кои Британија веќе ги одбила предизвикува загриженост. Но наместо транспарентност, граѓаните добиваат политичко препукување, а Владата — молк.
Институциите не објавија: дали постои официјален контакт со Британија, дали има меморандум за разбирање, дали се водат преговори, дали некој министер имал средби со британски претставници, дали било разговарано за финансиски пакети, дали се разгледува приклучување на мигранти на пазарот на труд.
Наместо тоа, Владата се сведува на кратки деманти без детали, без документи и без одговори на клучните прашања.
Во исто време, странските медиуми продолжуваат да објавуваат анализи во кои Македонија се појавува како дел од потенцијалните „сигурни трети држави“. Оваа контрадикција создава впечаток дека нешто се случува зад затворени врати, дури и ако тоа не е официјализирано.
Дали Македонија стои пред можност да стане мигрантски „коридор“ под британско покровителство?
Во услови на сериозна економска криза, јавен долг во пораст и ограничени буџетски можности, секоја понуда од 20.000 фунти по лице изгледа привлечно за земји со финансиски проблеми. Ова ја отвора дилемата дали државата би можела – под притисок или во замена за пари да влезе во договор што би ја трансформираше Македонија во хаб за мигранти кои Европа или Британија не ги сакаат.
Опозицијата смета дека Владата, со огромен дефицит и потреба од нови кредити, е подготвена да прифати услови што би биле опасни за државната безбедност. Владата тоа категорично го негира, но без документи – негирањата не звучат убедливо.
Кој ја кажува вистината? И зошто Владата не коментира транспарентно?
Истражувањето покажува дека: странските медиуми јасно ја спомнуваат Македонија, опозицијата се повикува на нивните извештаи и инсистира на одговори, Премиерот дава деманти без објаснување и најавува „Safe Country“, но без детали, граѓаните остануваат без официјална, документирана информација.
Во ваква ситуација, недовербата природно расте, а секој можен договор склучен тајно би имал сериозни последици врз суверенитетот и безбедноста на државата.
Дестан Јонузи





