Повторените избори во четири општини на 11 јануари – со најголемо внимание насочено кон Гостивар и Врапчиште – стануваат тест не само за политичката сила на албанските партии во земјата, туку и за стабилноста на владејачката коалиција ВМРО ДПМНЕ – ВЛЕН. Динамиката на кандидатурите, методот на нивно избирање и изјавите на актери од терен откриваат значително подлабоки политички процеси кои ги надминуваат границите на локалната политика.
Паралелно со ова, Струга се соочува со сериозна институционална блокада која веќе го загрозува нормалното функционирање на локалната самоуправа. Токму овој контекст создава поширока рамка во која изборите на 11 јануари добиваат многу поголема тежина.
Гостивар, битка меѓу два „тешкаши“
Коалицијата ВЛЕН официјално го кандидира Невзат Бејта, поранешен двомандатен градоначалник и долгогодишна водечка фигура на ДУИ во Гостивар, но овој пат како кандидат на владината коалициска партија ВЛЕН.
– Одлуката е резултат на широк процес на внатрешни консултации и анкети со граѓаните, каде Бејта убедливо беше оценет како најдоверлив и најпосакуван кандидат, се вели во соопштението на ВЛЕН.
ВЛЕН го портретира Бејта како симбол на „стабилност, професионализам и визија за развој“.
Од другата страна, НАИ (Национална алијанса за интеграција), коалицијата предводена од ДУИ, настапува со Валбон Лимани, кој веќе еднаш ги доби изборите, но не успеа да се постигне законскиот цензус за уште од првиот круг на Локалните избори 2025 година да биде избран за градоначалник на Гостивар.
– Очекуваме фер избори и победа. Ќе ја видиме разликата, сè ќе зависи од излезноста, изјави Лимани.
Политичка тежина на дуелот Бејта–Лимани
Гостивар е традиционално стратегиска општина за албанскиот политички блок – токму таму се дефинираат идните силни центри и регионални мрежи. Фактот што Бејта, по 20 години како клучен човек на ДУИ, сега настапува против ДУИ, го прави овој дуел еден од најинтересните во последната деценија.
– Последниве осум години градот е уништен. Со поддршката на ВЕЛН ќе го прекинеме ова уништување и ќе го вратиме развојот, изјави Бејта при предавањето на кандидатурата.
Од опозицискиот камп, Арбен Таравари остро реагираше на кандидатурата на Бејта.
„Ако треба ВЕЛН целосно да се идентификува со една личност – тоа би бил Невзат Бејта!“
Ова не е само критика, тоа е сигнал за длабоки тензии меѓу поранешните сојузници Таравари-Села-ВЛЕН
Врапчиште: Двојна битка со нов политички фактор
Во Врапчиште изборната трка е речиси подеднакво напната. Очекуваната главна борба ќе се води меѓу: Исeн Шабани – кандидат на НАИ и Зулхајрат Демири – Зули – независен кандидат поддржан од Алијансата на Села и ВЛЕН.
Демири е актуелно претседател на огранокот на Алијансата за Албанците (Зиадин Села) во Врапчиште, а порано бил директор на претпријатието „Железници – Транспорт“.
Струга, локална институционална парализа со државни импликации
Додека Гостивар и Врапчиште се подготвуваат за избори, Струга е во политичка криза која може директно да влијае врз односите меѓу владејачките партнери на централно ниво.
Општината нема функционален Совет – не е избран претседател на Советот, а седниците се бојкотираат од дел од советниците на ВМРО ДПМНЕ и од независната група блиска до поранешниот градоначалник Рамиз Мерко. Проблемите кулминираа откако премиерот Христијан Мицкоски остро го критикуваше градоначалникот Менди Ќира по повод поставувањето на албанскиот, но не и државниот македонски знаме на 28 Ноември.
– Не заслужува поддршка. Почетокот му беше катастрофален. Нема втора шанса за прв впечаток, изјави Мицкоски.
Од друга страна, Ќира нагласува дека соработка мора да има.
„Општината е над сите политички тензии. Ни требаат големи проекти.“
На советот на општина Струга, ВМРО ДПМНЕ има 6 советници, ВЛЕН 4, НАИ (ДУИ) 8 – најголема група, Независната „листа на Мерко“ – 3, Левица и СДСМ по 1.
Никој нема 12 потребни за мнозинство. Спорот е дали седниците можат да се одржуваат без избран претседател.
ВЛЕН се повикува на член 47 од Законот за локална самоуправа, според кој седницата ја води најстариот советник – во овој случај Нафи Јонузи. ВМРО ДПМНЕ го оспорува ова толкување.
Струшкиот случај станува лакмус-тест за владејачката коалиција на централно ниво. Ако ВЛЕН и ВМРО ДПМНЕ не можат да се усогласат во Струга, може да се постави прашање, како ќе функционираат во другите општини и во Владата?
Секоја општина има различни „комбинации“, што ги прави предвидувањата многу комплицирани. ВМРО ДПМНЕ е во деликатна позиција во однос на партнерите од ВЛЕН. Критиките кон градоначалникот на Струга укажуваат дека односите не се целосно стабилни, иако на централно ниво двете страни инсистираат на функционална коалиција.
Изборите на 11 јануари се тест и за излезноста
Падот на интересот и незадоволството од партиите може да се рефлектира со ниска излезност – фактор кој може да влијае врз легитимитетот на избраните градоначалници. Изборите на 11 јануари не се само рутински повторени избори. Тие претставуваат, битка за доминација меѓу албанските политички сили, индикатор за стабилноста на владејачката коалиција, прв голем „тест“ за позициите на ВЛЕН на терен, локален референдум за влијанието на ДУИ во западниот регион, паралелно, кризата во Струга покажува колку е кревка политичката архитектура во општините со мешан етнички состав.
Очекувањата се дека трката во Гостивар ќе биде една од најжестоките локални политички конфронтации во последните години, додека исходот во Врапчиште може да биде клучен сигнал за внатрешните односи во албанскиот политички спектар.
Во меѓувреме, Струга останува предупредување дека без функционални локални институции – граѓаните се тие што ја плаќаат цената.
Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – се повторуват изборите на 11 јанари, бидејќи во првиот круг на Локалните избори одржани на на 19 октомври 2025 година, не беше постигната законската излезност од 33,33%. Излезноста во Гостивар беше 33,31%, Врапчиште 25,18%, Маврово и Ростуше 30,31% и Центар Жупа 21,49%.
Дестан Јонузи













































































































