Лидерите на Европската унија се собраа во Брисел на вонреден самит посветен на трансатлантските односи, свикан како реакција на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини, како дел од притисокот поврзан со Гренланд.
Премиерката на Кралството Данска, Мете Фредериксен, изјави дека Данска е подготвена да соработува со САД за безбедноста на Гренланд, но само доколку се почитува данскиот суверенитет.
„Од самиот почеток кажавме дека прашањето за нашиот статус како суверена држава не може да биде тема на разговор. Тоа не може да се промени“, изјави Фредериксен пред новинарите во четвртокот.
„Нашата црвена линија е јасна: демократските правила не се предмет на преговори.“
Пристигнувајќи на самитот, претседателите и премиерите ја поздравија одлуката на Трамп да се повлече од заканите со царини, но истовремено побараа меѓусебно почитување како услов за управување со сè понестабилниот сојуз меѓу ЕУ и САД.
Гренланд и можниот договор со САД
И покрај повлекувањето на царинските закани, голема неизвесност и натаму владее околу договорот што го наведе Трамп да ја смени позицијата. Во нов извештај, The New York Times открива неколку елементи што би можеле да бидат дел од договорот:
новa мисија на НАТО на Арктикот,
ажурирање на договорот од 1951 година меѓу Данска и САД со цел поширок американски пристап до Гренланд,
изградба на суверени воени бази во делови од Гренланд за потребите на американскиот систем за ракетна одбрана „Golden Missile“,
и ограничувања за спречување Русија и Кина да експлоатираат ретки минерали под ледената покривка на островот.
Според весникот, овие идеи се дискутирале во рамки на НАТО повеќе од една година, но засега нема финален договор. Висок дански функционер, цитиран во извештајот, изјавил дека „немало директни разговори меѓу Данска и САД за доделување суверени парцели земја на американската војска“.
Трамп: Договорот за Гренланд е во изработка
Претседателот на САД, Доналд Трамп објави нова порака на својата социјална мрежа Truth Social, во која се осврнува на Гренланд – темата што беше директен повод за денешниот вонреден самит на Европската унија.
Во пораката, Трамп изразува задоволство од договорот што го постигнал во средата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој, според него, го убедил да се повлече од заканата за воведување царини од 10 отсто.
„Се враќам во Вашингтон. Неверојатно искуство во Давос“, напиша Трамп.
„Структурата за Гренланд е во изработка и ќе биде неверојатна за САД, а ‘Одборот за мир’ е нешто што светот досега не го видел – навистина посебно. Се случуваат многу добри работи!“
Украина, „Одборот за мир“ и пошироки геополитички теми
Лидерите на Европската унија се подготвуваат да ја отворат темата за таканаречениот „Одбор за мир“, но резервите околу оваа иницијатива се значајни и широко распространети. Досега, само две земји членки на ЕУ – Унгарија и Бугарија се приклучиле на контроверзниот „Board of Peace“ за Газа, промовиран од Белата куќа. Иницијативата првично беше претставена како дел од мировниот план во 20 точки, договорен минатата година меѓу Израел и Хамас.
Европските резерви, меѓутоа, се однесуваат на самата суштина и мандатот на Одборот. Според критиките, неговата повелба воопшто не ја споменува Газа, со што значително го надминува првичниот мандат и создава ризик од потиснување на улогата на Обединети Нации Дополнително, документот му доделува широки овластувања на Трамп, што предизвикува загриженост дека тој би можел да ја задржи влијателната улога и по завршувањето на неговиот претседателски мандат.
Посебно чувствителна точка за европските влади е и составот на одборот. Во него место добиле рускиот претседател Владимир Путин и неговиот белоруски сојузник Александер Лукашенко што за повеќето европски престолнини го прави политички неприфатливо приклучувањето кон ваква структура. Дополнителна загриженост предизвикува и фактот што меѓу двете високи тела назначени да го водат одборот нема ниту едно палестинско име, што сериозно го доведува во прашање кредибилитетот и инклузивноста на процесот.
На крајот, повелбата на „Одборот за мир“ воопшто не го споменува решението со две држави – принцип што Европската унија го смета за единствениот одржлив пат кон долгорочен мир и стабилност во регионот. Токму овој изоставен елемент дополнително ги зајакнува сомнежите дека иницијативата е во судир со долгогодишната заедничка надворешна политика на ЕУ.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека се враќа од Давос со договори за нов пакет неопходна противвоздушна одбрана. Тој изјави и дека имал „многу добра средба“ со Трамп, како и дека првата трилатерална средба меѓу американски, украински и руски преговарачи ќе се одржи во Обединетите Арапски Емирати.
Davos. Support for Ukraine. Air defense for Ukraine. Meetings for Ukraine.
We are returning home with agreements on a new package of critically needed air defense for the protection of our people. pic.twitter.com/o0PezBKvXJ
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) January 22, 2026
По царинскиот шок од Трамп, Европејците се држат до сојузот
Заедничка порака произлезе од пристигнувањето на лидерите на Европската унија: трансатлантскиот сојуз е преголем за да пропадне.
„Не се откажуваш едноставно од трансатлантскиот сојуз. Го градевме повеќе од 75 години. Тоа е најуспешниот политички сојуз што некогаш постоел меѓу Европа и Америка“, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Сепак, размерот на ултиматумот на Трамп не може да се потцени. Само пред неколку дена, американскиот претседател се закануваше дека ќе воведе дополнителни царини за осум европски држави, со цел да изнуди продажба на Гренланд – остров богат со минерали, кој припаѓа на Кралството Данска. Тоа беше обид за напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на земја членка на ЕУ и НАТО. За повеќето европски престолнини, ваквиот потег беше отворена уцена.
Токму затоа, пораките на европските лидери во четвртокот беа внимателно избалансирана мешавина од надеж и вознемиреност, олеснување и претпазливост – одраз на нестабилноста на трансатлантските односи во вториот мандат на Трамп, каде што ништо не може да се земе здраво за готово.
„Трансатлантските односи дефинитивно претрпеа сериозен удар во изминатата недела. Но мислам дека во оваа една година научивме дека тие односи повеќе не се исти како порано. Од европска страна, не сме подготвени да отфрлиме 80 години добри односи и подготвени сме да работиме на нив“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас.
Слична порака испрати и полскиот премиер Доналд Туск, кој нагласи дека довербата мора да остане темел на односите со Вашингтон.
„Довербата отсекогаш била најважната основа на нашиот однос со Соединетите Држави. Она што денес ни е потребно во политиката е доверба и почит меѓу сите партнери, а не доминација и принуда. Тоа не функционира во нашиот свет“, изјави Туск.
Kритики од Фицо
На агендата на самитот се очекува да се најде и трговскиот договор меѓу ЕУ и Меркосур, кој Европскиот парламент го упати до Судот на правдата во Луксембург, што може да ја одложи неговата примена за најмалку две години.
Во меѓувреме, лидерите на 27-те земји-членки вечераа без мобилни телефони во просторијата – традиционална практика за чувствителни и стратешки разговори.
Словачкиот премиер Роберт Фицо остро го критикуваше самитот, нарекувајќи го „прескапа вечера во Брисел“, и повика на оставка на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас, истовремено осудувајќи ја „прекумерната“ климатска регулатива на Унијата.
THE SAME RULE APPLIES TO THE EU AS TO A MASSAGE PARLOR: IF IT DOESN’T WORK, IT’S NOT ENOUGH TO CHANGE THE BEDS — YOU HAVE TO CHANGE THE STAFF. pic.twitter.com/0injG6Dfcr
— Robert Fico 🇸🇰 (@RobertFicoSVK) January 22, 2026
ЕУ пред јасен избор
„Воопшто земено, точно е дека не треба да го игнорираме Брисел. Но, исто така не треба да станеме жртви на неспособноста на раководството на Европската унија“, додаде тој.
Вонредниот самит во Брисел, и покрај отсуството на формални одлуки, покажа дека Европската унија влегува во фаза на подлабока стратешка саморефлексија. Притисокот од Вашингтон, нестабилноста на трансатлантските односи и отворените несогласувања околу иницијативи како „Одборот за мир“ ја ставаат ЕУ пред јасен избор: или ќе ја зајакне сопствената политичка кохезија и принципи, или ќе продолжи да реагира ад-хок на потезите на сè понепредвидливиот сојузник. Во тој контекст, Гренланд не е само географска точка на картата, туку симбол на новата реалност во која Европа мора да научи да ги брани своите црвени линии – без илузии, но и без откажување од сојузот што го обликувал светот по Втората светска војна.
Ј. Ѓорѓиоски





