Руската офанзива во регионот Бахмут во источна Украина е забавена во последните денови, велат аналитичарите од Институтот за воени студии (ISW), тинк-тенк за безбедност и одбрана.
Во својот последен извештај за војната во Украина, Институтот за воени студии наведува дека руски воени блогери „признале дека украинските борци успеале малку да го забават напредувањето на руските сили околу Бахмут и околните населени места“, пишува Украинформ.
Руски воен блогер тврди дека украинските сили ги потиснале припадниците на руската приватна воена компанија Вагнер назад на позициите што ги имаа пред неколку дена, се вели во извештајот. Претходно, украински извори на социјалните мрежи објавија дека нивните сили во средата целосно ги потиснале руските сили од источните предградија на Бахмут.
ISW проценува дека руските сили постигнале малку помал напредок во ноември и декември севкупно, отколку во октомври.