Повеќе од 30 години, ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници декларативно се изјаснуваат дека се за НАТО и членство во ЕУ, но активностите кои ги преземаат и нивното политичко делување никако не соодветствува со таквите изјави.
Последен пример за декларативна прозападна ориентираност на ВМРО-ДПМНЕ беше Илија Димовски, кој во телевизиско гостување рече дека неговата партија била за НАТО уште од деведесетите, кога СДСМ сонувале за Југославија. Со ваквите неподдржани тези, Димовски, но и целото ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да се претстават како прозападно ориентирани.
Режимот на Груевски ја загрози европската иднина
Сепак, кога ќе се погледнат нивните активности и што тие реално прават за евроатлантската интеграција на Северна Македонија, брзо станува јасно дека ваквите нивни заложби се само празни флоскули кои ги кажуваат поради огромната поддршка од граѓаните за ЕУ и НАТО.
За време на 11 години владеење на режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, земјата го загуби чекорот со останатите држави, со кои заедно ги започнавме процесите за почеток на преговорите со ЕУ, а по ветото за членството во НАТО во 2008, не презедоа ниту еден чекор кон остварување на оваа стратешка цел.
Киднапирањето на државата и државните институции во време на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ја загрозија и европската иднина на земјава, доколку се земе предвид дека Европската комисија дури и ја замрзна препораката за почеток на преговорите.
Со промената на власта, државните институции повторно се насочија кон остварување на стратешките цели за членство во НАТО и ЕУ, но не со декларативни изјави, туку со реални и остварливи заложби.
Грција, од главен кочничар на нашите евроатлантски интеграции, стана главен поддржувач на земјава во меѓународните институции откако беше потпишан Преспанскиот договор, со кој, наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, се зачува и зацврсти македонскиот идентитет и јазик.
Пречки и блокади за членството во НАТО
Во моменти по потпишувањето на Преспанскиот договор и одржувањето на референдумот за промена на името, со што конечно се отстрани и последната препрека за членство во НАТО, ВМРО-ДПМНЕ остана да биде за атлантска интеграција само на зборови. Во реалноста, тие работеа против овој договор, го бојкотираа референдумот и се обидуваа на секаков начин да го поткопаат неговото остварување и зачленувањето во НАТО.
Дури и при гласањето на ратификациајта на Договорот за членство во НАТО во Собранието, актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски разочарано одби да аплаудира за остварувањето на стратешката цел на земјава, па си ги местеше пантолоните и немо, како губитник не се израдува на успехот на државата.
ВМРО-ДПМНЕ е единствената пречка на европскиот пат
Паралели со однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ за членството во НАТО може да се повлечат и за остварување на втората стратешка цел на државата, членството во Европската Унија. По децении чекање пред портите на ЕУ, минатата година земјава ги започна преговорите за членство во Унијата, а клучот за отворање на поглавјата сега наместо во Брисел, Париз, Атина или Софија се наоѓа во Скопје. И повторно, главна пречка за почнувањето на преговорите е ВМРО-ДПМНЕ.
Тие, без никакви аргументи и јасни ставови, се против внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, што е услов за отворање на поглавјата во преговорите, веднаш по завршувањето на скрининг процесот. На овој начин, следното вето за евроинтегративниот процес на земјава, наместо од трета држава доаѓа директно од ВМРО-ДПМНЕ. Но дури и тоа што сега опозициската партија е единствената пречка на евроинтегративниот пат, не ги спречува тие декларативно да продолжат да зборуваат дека се за членство во ЕУ.
На јавноста веќе ѝ стана јасно дека желбата на ВМРО-ДПМНЕ е само да дојде до власт и со празни флоскули да кажува дека е за европска интеграција, притоа правејќи сѐ и надевајќи се дека Северна Македонија нема да напредува на европскиот пат за да може повторно да инсталираат режим и да ги злоупотребуваат државните институции.
Извор: Рацин.мк