Претседателот на Србија, Александар Вучиќ по завршувањето на разговорите во Охрид изјави дека денеска е денот кога требаше да се договори планот за имплементација, и постигнавме некаков договор.
Овие неколку точки што ги договоривме ќе станат дел од преговарачката рамка за двете страни, и за Белград и за Приштина, истакна Вучиќ.
Според него, „важно е дека клучната поента е дека Европскиот совет ќе процени колку е направено со планот за имплементација, кој најверојатно ќе биде проширен“.
Во планот за имплементација стои дека го имаме на знаење фактот дека ЕУ ќе го вклучи како дел од преговарачкиот процес, нагласи српскиот претседател.
Тој истакна дека „од големо значење е формирањето на ЗСО да биде приоритетна обврска согласно претходните договори во рамките на дијалогот“.
Денешниот состанок во Охрид меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, со посредство на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, траеше повеќе од 11 часа.
Г. Т.