Украина се соочува со критичен недостиг на муниција и се обидува да најде начин да ги зачува резервите со артилериски гранати додека западните сојузници не успеат да произведат или набават повеќе, пишува Вашингтон пост.
Муницијата стана скапоцен ресурс во артилериската војна со Русија. Зачувувањето на гранатите и брзото повторно вооружување може да даде предност на бојното поле. Украинските доброволци и војници треба да прибегнат кон креативни тактики за зачувување на резервите. За да биде во чекор со Русија и сепак да може да зачува муниција, украинската артилерија мора внимателно да избира цели и да даде приоритет на воената опрема пред малите групи пешадија.
Украинците користат 3Д печатачи за изработка на мала, евтина муниција што може да се фрли од беспилотни летала. Куршумите се деконструираат за да се создаде алтернативна муниција. Топчестите лежишта од мините „Клејмор“ се отстрануваат и се користат за создавање различни противпешадиски или противтенковски мини, објави Вашингтон пост. За жал, домашната муниција не може да помогне при одбивање на рускиот напад. Таквата муниција може само да ги замени артилериските гранати за бомбардирање неподвижен тенк или пешадиско борбено возило.
Дури и во услови на критичен недостиг на муниција, вооружените сили на Украина сè уште истрелуваат околу 7.700 гранати дневно или приближно една на секои шест секунди, изјави неименуван украински воен претставник за Вашингтон пост. Русија, која, исто така, можеби е при крај со гранати, истрелува трипати повеќе од тоа количество.
Г. Т.