Европската комисија добива предупредувања да не се обидува „да го смири“ унгарскиот премиер Виктор Орбан, „одмрзнувајќи“ милијарди евра наменети за Будимпешта, откако тој се закани дека ќе ги блокира плановите на ЕУ за отворање пристапните преговори со Украина и за нова парична помош за Кијив, пишува британски „Гардијан“.
Потезите на унгарската влада во последните години за подривање на независните институции, како и стравувањата за корупција и злоупотреби на европските фондови ја испровоцираа одлуката на Брисел да „замрзне“ 27 милијарди евра наменети за Унгарија. Сепак, од Европската комисија (ЕК) стигнаа сигнали дека има подготвеност да се одмрзнат до 10 милијарди евра од Унгарија, што ги загрижува поборниците за владеењето на правото.
Ваквата ситуација е одредена увертира пред средбата на европските лидери закажана за 14 декември, кога 27 премиери треба да дискутираат за предложениот пакет помош за Украина од 50 милијарди евра, ребаланс на буџетот на ЕУ и за тоа дали да се почнат пристапните преговори со Кијив. Унгарскиот премиер Орбан постојано се заканува дека ќе ги блокира сите три одлуки.
Пат-позицијата ги зголемува стравувањата на критичарите на Орбан дека ЕУ ќе одмрзне дел од парите за Унгарија во обид да се убеди Орбан да не блокира.
Даниел Фројнд, европратеник од редовите на Германските Зелени вчера повика ЕУ да не ѝ попушта на Унгарија.
„Владата на Орбан не ги спроведе неопходните реформи. Не смее да се трансферираат пари. Ако Комисијата одлучи поинаку, тоа ќе биде само за една причина: Да се примири Орбан, којшто ја претера со својата закана за вето“, вели тој.
За да добие одмрзнување на парите, Унгарија треба да спроведе серија реформи во области како независност на судството, транспарентноста и борбата против корупцијата. Со месеци Брисел и Будимпешта преговараат, откако Унгарија отпочна со реформи. Сепак, ЕК вели дека малку е напреднато на планот на правосудните реформи.
Со тоа се сложија и шест водечки граѓански организации од Унгарија, коишто во заеднички извештај објавен во средината на минатиот месец „порачаа дека пакетот правосудни реформи усвоен во мај 2023 е фундаментално недоволен“.
Извор: Мета.мк