Руската пропаганда во македонските медиуми сé повеќе добива на интензитет, но сега во едно поинакво светло. Веќе не се величаат „херојските“ успеси на руската армија (кои очигледно се дефицитарни), туку пропагандните руски наративи одат во друга насока, фокусирани на надворешните работи, критикувајќи ги западните земји, пред се САД, во говорите на високите руски владини претставници, и преку инсинуации, наведувачки и манипулативни содржини настојуваат да ја дискредитираат Украина, нејзините вооружени сили и раководсвото, со цел да се намали поддршката од западните сојузници, со што Украина би била ставена пред свршен чин да мора да прифати мировни преговори, но секако, под руски услови.
Доколку со внимание се следат содржините кои дел од македонските медиуми речиси секојдневно ги пласираат пред својата интернет публика, се добива впечаток дека ја преземале улогата на портпароли на власатите во Кремљ, и се во директна корелација и работат според насоките на планерите на кампањата на Путин за неговиот петти мандат на претседателски избори во Русија.
Секое појавување на високите руски функционери во јавноста и нивните изјави, кои речиси без исклучок се спротивни на официјалните ставови на македонската влада и нејзините НАТО и ЕУ сојузници, се пренесува некритички, во дел од нив и со нескриено воодушевување, без да се изврши проверка на нивната вистинитост, а за објава на спротивставени ставови воопшто не станува ниту збор.
Може да се забележи дека на овие медиуми особено им е омилен рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на кого му изразија огромна почит и со своето присуството на неговата прес- конференција на Самитот на ОБСЕ во Скопје ги легитимираа неговот небулозни изјави, во моменти кога тој беше целосно маргинализиран од останатите земји учеснички на Самитот.
Таков е случајот и со последните неколку последователни изјави на Лавров, надополнети со „одмерените“ изјави на Захарова, кои, сосема некритички ги пренесуваат овие, речиси секогаш исти медиуми. Така, според нив, 13 часовниот лет на Лавров до ЊуЈорк претставува вистинско херојско дело, при што тој успешно ги избегнал непријателските земји, и храбро му „одбрусил“на „чичко Сем“ дека Русија нема да моли, откако со години тие ја игнорирале добрата воља на „семоќниот“ Путин.
Монироринг тимот на Цивил Медиа при следњето на пенетрацијата и ширењето на руската пропаганда на овие простори, забележува дека ваквите наративи наидуваат на плодна почва во одредени македонски медиуми, кој се чини дека ревносно ги следат насоките на политичките стратези на Путин кои работат на неговата предизборна порака повеќе од две години, И секако, како по правило, речиси секогаш истите медиуми, веќе евидентирани како дистрибутери на руската пропаганда и дезинформации на македонскиот информативен простор, оркестрирано ги споделуваат „нарачките“ на пропагандистите на Кремљ.
Драган Мишев / Цивил Медиа