„Контекстот во кој се одвива предизборната кампања содржи низа непознаници во поглед на ветувањата и барањата на одделни политички партии. Сепак, сметам дека уште сега се издвојува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија, впрочем, од основањето па до денес, консеквентно, да не речам – тврдоглаво и упорно, истрајува во своевиден антиалбански дискурс и тоа главно во пресрет на избори во земјава“, изјави долгогодишниот новинар и политички аналитичар Сељадин Џезаири, коментирајќи ја реториката и политичките актуелности во земјава во пресрет на изборната кампања за двојните претседателски и парламентарни избори.
– Како да потврдува дека потценувањето и сеењето омраза и е главното ветување кон нејзиното гласачко тело. Чувствувам дека и сегашното партиско водство не извлече поука од погубниот курс, започнат уште од крајот на осумдесеттите години на минатиот век, со девизата „рани куче да те лае”, насочен токму против Албанците. Настаните врзани со уставната комисија и Собранието кое го прогласи првиот Устав (1991), па непрекинато до 2001 година а и потоа, кога се работи за прашања врзани за Албанците, зборуваат дека водството на „најмакедонската партија” до сега нема извлечено поука токму за прифаќањето на фактот дека Албанците уште од Крушевската република, сакаме или не, се непобитна реалност! За да не бидам погрешно разбран: со сите права и обврски, изјави Џезаири за „Фронтлајн“.
Ценам, додава тој, дека моментумот во кој се наоѓаме, како општество, изискува поинакво пристапување кон нештата кои, нели, би требало да се најдат во центарот на вниманието на јавноста и следствено тоа и на гласачите.
– И покрај предизборните резерви кон процесот на пристапување во Европската Унија, односно непризнавањето на договорот со соседната Бугарија во поглед на промената на Уставот, сегашниот анимозитет кон првиот премиер Албанец, Талат Џафери, кој, нели, беше поинаков кога беше избран исто така за прв министер Албанец во Министерство за одбрана, и тоа вклучително и со гласовите на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ, потоа кон ДУИ, сепак очекувам дека по изборите ова партија ќе ја смени плочата. Во спротивно ќе (ни) ѝ се повтори неславната историја од деведесеттите години на минатиот век, нагласи тој.
Дестан Јонузи
Поврзано:
Континуитет на ВМРО-ДПМНЕ е инсистирањето на националистичката реторика