„Убеден сум дека на 24-ти април и на 8-ми мај ќе победат граѓаните, ќе победи европска Македонија и ќе победи Стево Пендаровски за претседател на државата и СДСМ и коалицијата за европска иднина“ – изјави меѓудругото лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски во мега интервју за „Фронтлајн“.
– Сум убеден дека на 24ти април и на 8 мај ќе победат граѓаните, ќе победи европска Македонија и ќе победи Стево Пендаровски за претседател на државата и СДСМ и коалицијата за европска иднина. Во текот на изминатите години СДСМ во овие кризни години на здравствена пандемија, на енергетска криза, на економска криза предизвикана од војната во Украина никого не остави сам, ние обезбедивме најголем пакет на антикризни мерки во однос на сите други држави во регионот според Светската банка. И во услови на криза според економскиот институт во Виена, Македонија е единствена држава која што успеа да го зголеми животниот стандард на своите граѓани во време на криза во однос на сите други земји во Источна Европа. Успеавме да донесеме Методологија за зголемување на постојан раст на платите и на пензиите. Ги зголемивме платите во сите сектори, денес универзитетските професори имаат двојно и повеќе повисоки плати од она што имаа, изјави Ковачевски.
Тој нагласи дека платите на здравствените работници се зголемени скоро двојни и ќе продолжат да растат. Истото се однесува и на другите вработени во здравствениот сектор.
– Наставниците од плати од 18.000 денари се дојдени до плати од 40.000 денари тоа се достигнувања. Тоа се причините заради кои што јас ја барам во името на СДСМ и во името на коалицијата за Европска Иднина довербата да продолжиме да ја водиме Владата кон остварување на втората стратешка цел, а тоа е зачленување во ЕУ, подвлече тој.
Зборувајќи за владеењето со ДУИ, Ковачевски рече ДУИ е партија која што 20 години е на власт во државата, тие биле 11 години заедно со ВМРО-ДПМНЕ и 7 години заедно со СДСМ.
– Во времето на ДПМНЕ ќе прашате како било соработката, ќе треба да го прашате Никола Груевски кој што не е тука, меѓутоа може да го прашате и сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тој беше советник во владата и сигурно дека соработувал и таа соработка не вроди со никаков плод бидејќи немаше никакви резултати, единствено учествуваа во одлуки за правење на споменици, жални врби, стиропори по градот и ни еден милиметар исчекор во евро атланските интеграции на државата. Во изминатите 7 години нашата коалиција вклучувајќи ја и ДУИ донесе тешки одлуки во однос на зачленувањето на државата во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Дали дел од функционерите се однесуваа соодветно тука мислам и на функционери од ДУИ на позицијата која што ја имаат- не. И во следниот мандат јас нема да дозволам покажување на однесување од позиција на сила или од позиција на однесување кое што не соодветсвува на очекувањето на граѓаните и политичкиот амбиент во државата, коментираше Ковачевски.
Тој во интервјуто нагласи дека граѓанките и граѓаните сакаат подобар животен стандард, сакаат подобро здравство, сакаат подобро владеење на правото, сакаат подобра борба против корупцијата.
– Тоа го овозможува процесот на интеграција во ЕУ бидејќи тоа е единствен процес низ којшто можат да се направат позитивни процеси во нашата држава. Погледнете ги нашите соседи. Земете ја Бугарија, земете ги други земји кои беа дел од источниот лагер. Словачка, Чешка, Полска, Романија, Унгарија. Тие беа децении позади нас, јас во една прилика кажав дека за нив сме биле ЛА Лејкерс. Гледајте кај се тие сега. Само заради членство во ЕУ. Тие ако биле подобри од нас, тие ќе биле подорби и тогаш од нас. И по независноста кога ние излегуваме од Југославија, а тие од советскиот лагер. Па не биле, сè додека не влегоа во ЕУ, вели лидерот на СДСМ.
Во интервјуто за „Фронтлајн“ Ковечевски зборува и за руското влијание во Блаканот.
– Секако дека има влијание од исток, кое Русија секогаш сакала да го има на Балканскиот полуостров, тие тоа не го кријат. Тоа влијание се изразува на повеќе начини. Има дел политички партии кои имаат активна соработка со Русија и тоа тие јавно го кажуваат, медиуми кои имаат активна соработка со Русија. Поединци претставени како аналитичари, новинари итн кои што се финансирани од извори кои се блиски до руските. Тука го гледам значењето од зачленувањето во НАТО бидејќи сепак во држава членка на НАТО, стабилноста е многу голема и значајно е отпочнувањето на преговорите со ЕУ, подвлече лидерот на социалдемократите Димитар Ковачевски.
Дестан Јонузи