Откако идниот премиер Христијан Мицкоски искажа прифаќање на политичката реалност за уставното име на државата, познавачите на политичките збиднувања очекуваат тој тоа да го рефлектира и на уставните измени.
– Во однос на употребата на името на државата од страна на Мицкоски, во две интервјуа ја употребив народната „ќе си легне на брашното“. Колку време ќе му треба да излезе од „тврдата позиција“ по Дополнителниот протокол е друго прашање. Ценам дека за уставните промени ВМРО-ДПМНЕ ќе калкулира низ призма на локалните избори, изјави за „Фронтлајн“, Ивон Величковски од движењето „Нова република“.
Ќенан Алиу – политички аналитичар, смета дека Мицкоски ќе рефлектира и по прашањето на уставните измени и истите ќе ги изгласа.
– Мандатарот веќе нагласи дека за време на заклетвата ќе го користи (говори) уставното име на државата. Иако ова е поврзано и со реакциите и сугестиите добиени од меѓународниот фактор, мислам дека и самиот е свесен дека како премиер треба да се однесува поинаку отколку од позицијата на опозиција. Несомнено, ќе има рефлектирање за уставните измени, бидејќи тие во принцип не се против, туку имаат за цел усогласување на некои работи со соседната земја и меѓународниот фактор. И во овие околности на изборите за ЕУ, во Бугарија и во ноември во САД, на новата влада ќе и треба извесно време да успее нешто да усогласи. Во меѓувреме, мислам дека ќе има рефлексија бидејќи интеграцијата во ЕУ е без алтернатива за државата, изјави Алиу за „Фронтлајн“.
Мандатарот Христијан Мицкоски – во поднесокот на имињата на новите министри и програмата за нова влада, во една реченица три пати го користи уставното име на државата. Четвртиот пат го става покрај своето презиме како мандатар.
Во последното свое телевизиско гостување Мицкоски изјави:
„Заклетвата како нов премиер ќе ја дадам со уставното име на државата, тоа е јасно. Во моите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката. Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и уставот, а ние да не ги почитуваме. Но, во моите настапи дома и во давањето изјави ќе го користам името на мојата држава, а тоа е Македонија“.
На 5 јуни, Мицкоски кажа дека во говорите нема да го употребува името Северна Македонија, а сите документи и закони ќе ги потпишува со уставното име.
– Целокупната институционална комуникација која е дел од Уставот и законите ќе биде почитувана сè додека тие закони се на сила. Но, во моите изјави името ќе биде Македонија, изјави Мицкоски на 5 јуни.
Претседателот на Собранието Африм Гаши ја закажа седницата за избор на новата Влада во сабота во 11 часот. Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веќе во законодавниот дом го достави предлогот за состав на владата и програмата за нејзината работа. Собранискиот Деловник предвидува седница за избор на Влада да трае најмногу два дена.
Дестан Јонузи