Преговарачката рамка (францускиот предлог) за членство на земјата во Европската унија не може да се промени. Политичкиот аналитичар Бесим Небиу оценува дека сегашното парламентарно мнозинство e во потрага по некаков вид политичко-дипоматски потег од меѓународната заедница кој ќе можат да го претстават како гаранција.
– Преговарачката рамка се разбира дека не може да се смени, тоа по изборите почна да го признава и ВМРО-ДПМНЕ. Имам впечаток дека тие се во потрага по некаков вид политички-дипоматски потег од меѓународната заедница кој ќе можат да го претстават како гаранција. Во тој смисол последната канонада на изјави од двете страни е повеќе почетно тврдо позиционирање во пресрет на следни фази во кои очекувам дека тонот ќе се намали и ќе има и билатерални средби, изјави Небиу за „Фронтлајн“.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е подготвен да седне на маса со бугарскиот претседател Румен Радев и со лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, доколку повторно стане премиер, но посочува дека изнаоѓањето решение е двонасочна улица и дека ние не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување. Додава дека пораките кои стигнуваат од Софија му припаѓаат на средниот век.
Бугарскиот претседател Румен Радев тврди дека политиката на Скопје е насочена против европските принципи.
– Новата влада кај нашиот сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа на оваа земја е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „Бугарско“… Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки, против меѓународните обврски, но пред се против сопствените граѓани, кои јасно ги кажаа своите амбиции за европски развој на земјата, изјави Радев.
Додека, според лидерот на ГЕРБ во Бугарија, поранешниот премиер Бојко Борисов – договорите, без оглед дали се добри или лоши, „особено меѓународните договори кои се дел од преговорите со ЕУ, мора да се почитуваат.
– Без нашата поддршка и поддршката на Грција, Македонија нема никакви шанси да влезе во ЕУ, изјави Борисов. Доколку стане премиер, Борисов нагаласи дека ќе иницира средба со Мицкоски.
Зајакнување на билатералните односи и интензивирање на соработката бара и стратешкиот партнер на Северна Македонија, САД.
– Амбасадорката Агелер ја потврди посветеноста на САД за продолжување на одличната соработка со Северна Македонија и изрази подготвеност за поддршка во клучните реформи и проекти што се предвидени во наредниот период. Средбата заврши со согласност за натамошно зајакнување на билатералните односи и интензивирање на соработката во различни области од заеднички интерес, соопшти владината прес-служба по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со амбасадорката на САД, Ангела Агелер.
Дестан Јонузи