Одредени елементи, меѓу кои и поранешни функционери, се обидуваат да предизвикаат судири и да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во државата, изјави премиерот Христијан Мицкоски, како и високи претставници на владејачката коалиција ВЛЕН (ВРЕДИ).
Но, за разлика од власта, познавачите на политичките збиднувања во земјава се со став дека токму овие изјави се оние кои можат да ги нарушат меѓуетничките односи.
– Приказните за дестабилизација на земјата од страна на Мицкоски а последниве денови засилени од Изет Меџити од ВЛЕН се класичен спин за дефокус на граѓаните од скандалите што на самиот почеток ѝ се случуваат на новата власт. Мислам дека дури и најверните членови на владејачките коалиции не веруваат и не знаат дека е тоа класична измислица на премиерот Мицкоски кому му е поважна власта од штетата што ја прави со вакви спинови со кои ги нарушува меѓуетничките односи, изјави за „Фронтлајн“, Ацо Кабранов – долгогодишен новинар и политички аналитичар.
Кабранов вели дека во приказната дека Ахмети и ДУИ се мобилизираат за дестабилизација – војна, не верува мислам баш никој. Едноставно таа е адут на премиерот на која ќе игра до локалните избори, оти нему и на луѓето од негоавата близина ги интересира само власт, а не стабилна држава која тие нити знаат, нити ќе ја водат, истакнува нашиот соговорник.
– Ако се работи за спремање луѓе со многу пари, и Мицкоски и Меџити пред се мислат на Ахмети и врвот на ДУИ, има инстутуции и наместо од денот кога станаа власт да ја заморуваат јавноста со такви измислици, нека ги дадат сознанијата на институциите кои се под нивна контрола и ако има такви поединци нека ги апсат. Многу ми е смешно кога и луѓе како Меџити кој 20 години беше рамо до рамо со Ахмети и тие што ги обвинува за криминал, сега по паметот на Мицкоски извикува – држете го крадецот, сакајќи да го избрише од меморијата на јавноста неговото владеење со општина Чаир и многуте обвинувања во јавноста дека баш тој маводно легализирал градби за да рекетира и дека обвинува за луѓе со врни пари, а самиот тој ги има во неговиот џеб, нагласи Кабранов.
Политичкиот аналитичар Берат Азизи смета дека изјавите за дестабилизација не се поврзани со тоа да се предизвика страв кај граѓаните, туку повеќе се политички изјави кои ја зачувуваат политичката активност на ДУИ и го одржуваат електоратот активен.
– Актуелната политичка ситуација во регионот, особено на Косово, не дозволува дестабилизација кај нас, а уште повеќе од коалицијата Европски фронт, која е многу свесна за тоа и мислам дека ова е повеќе напад кон Владата и партиите на Албанците отколку една општа дестабилизација, подвлече тој.
Владина коалиција ВМРО-ДПМНЕ ДУИ (не)возможна
И Кабранов и Азизи не не верувам во теориите во јавноста дека Мицкоски спрема терен за ново коалицирање на ВМРО ДПМНЕ со ДУИ, но додават дека во политиката важи правилот „никогаш не се вели никогаш“.
– Обвинувањата и непријателството отиде предалеку и верувам дека Ахмети и ДУИ ако бар малку држат до своето и партиското достоинство не ќе се вратат во прегратките на ВМРО ДПМНЕ. Но сепак во политиката важи она, никогаш не се вели никогаш. Но тоа ќе биде крај за ДУИ и за легендата на Албанците, Али Ахмети, кому и така му е разнишана аурата од конфликтот во 2001 и тоа за него и за партијата би било крај, вели Кабранов.
За Азизи подготовките за влез на ДУИ во владата по локалните избори, рано е да се зборува, но вели дека ВМРО-ДПМНЕ не е подготвена да оди на тој чекор, ДУИ или Европскиот фронт да бидат дел од владината коалиција поради многу причини.
– Таа е одговорна за својот рејтинг и во текот на целата кампања беше ориентирана против коалицијата со ДУИ – обвинувајќи ја дека е главната причина за кризата во државата и мислам дека тоа е чекор што може да ја казнува оваа партија. Во политиката сите опции се отворени, но во моментов не гледам можна политичка криза или дестабилизација на државата кога е многу јасно дека битката ќе биде на економски план, анализира соговорникот.
Премиерот Мицкоски и првиот вицепремиер Меџити согласни околу индициите за дестабилизација
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека одредени елементи, меѓу кои и поранешни функционери, се обидуваат да предизвикаат судири и да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во земјата.
– Имаме индиции за елементи кои имаат големи суми пари во милиони, некои од нив се високи функционери во претходните влади и кои се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, главно за да манипулираат, а она што посебно ме загрижува е дека се обидуваат да предизвикаат етнички конфликт, односно дестабилизирање на меѓуетничката хармонија во Македонија. Ова е она што најмногу ме загрижува бидејќи тие разбираат дека во спротивно не можат да ги мобилизираат луѓето и сега единствениот начин е да предизвикаат ваков конфликт. Нема да го дозволиме тоа, рече Мицкоски.
Мицкоски не откри за кои функционери станува збор и како да се спречи такво нешто. Сепак, тој ги повика луѓето да се воздржат од вакви провокации и да ги игнорираат. Порано или подоцна, рече тој, извршителите на овие провокации ќе одговараат.
Вицепремиерот Изет Меџити од владината коалиција ВЛЕН откри дека заканите постојат оти ДУИ после дваесет години не може да се соочат со реалноста дека се во опозиција, дека треба да се вратат на себе си и на реформите внатре во партијата.
Меџити вели дека постојат мал број на луѓе со „црни“ пари кои посакуваат дестабилизација во земјава за да може да си ја спасат кожата.
Амети вели „си креираат сценарија“ и од септември најави заштита на легитимитетот на ДУИ
На средбата со амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека Владата создава сценарија за дестабилизација за да ги обвини другите.
– Претседателот Ахмети ја образложи нацрт-платформата за легитимитет подготвена од авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс, мислењата на локалните експерти и чекорите што ДУИ и Европскиот фронт ќе ги преземат во одбрана на легитимитетот. Ахмети исто така, зборуваше за тенденциозните предупредувања на премиерот Мицкоски за дестабилизација, истакнувајќи загриженост за можно намерно владино исценирање преку обвинување на други да се дефокусира јавноста од потфрлањата на власта, изјавија од ДУИ.
Активностите за заштита на легитимитетот, како што наведуваат од ДУИ, се најавени да започнат од септември.
Филипче: Приказната за дестабилизација е веројатно договорена меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
Во политичка смисла на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизација, како и на ЗНАМ кои се целосно маргинализирани во Владата па имаат можност да го оживеат својот националистички наратив, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за неделникот „Фокус“.
Како што соопштуваат од СДСМ, во интервјуто лидерот на партијата смета дека стратегијата за подигање меѓуетничка тензија која ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја спроведуваа пред изборите сега повторно ја враќаат во игра.
-Ако се земе предвид дека ДУИ му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за реорганизација на министерствата, без кои не можеше да се формира Влада, тогаш не би се чудел целата работа да е договорена стратегија меѓу двете партии. Дури и да не е договорена таа е во интерес на двете страни, вели во интервјуто Филипче.
Според претседателот на СДСМ, Филипче, ваквите сценарија на ВМРО ДПМНЕ, познати од порано, штетно ќе влијаат на развојот на економијата и создаваат страв и конфузија кај граѓаните.
-За жал, ваквите сценарија носат само застој во развојот на државата, на економијата, многу конфузија и страв кај граѓаните. Ништо добро не сме виделе од бескрајните меѓуетнички теми освен покачени тензии и назадување на дражвата. Но, добро е што за разлика од претходниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, сега граѓаните и стручната јавност многу рано ги препознава истите тактики, а со тоа и ефектот од нив е слаб, вели Филипче.
Во интервјуто покрај за актуелни прашања од доменот на политичките случувања во земјата, тој зборува и за политичката стратегија на СДСМ и како партијата ќе дејствува претстојниот период, се наведува во партиското соопштение.
Дестан Јонузи