Во заеднички договор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Советот на ЕУ ја утврди листата на кандидати кои ги предлага за именување за членови на ЕК со мандат до 31 октомври 2029 година.
Како што соопшти доцна синоќа Советот на ЕУ, вака утврдената листа ќе биде проследена до Европскиот парламент на понатамошна процедура на одобрување на кандидатите и ќе биде објавена во Службениот весник на Европската Унија.
Листата на кандидати кои Советот ги предлага за членови на Европскаата комисија е следнава:
Магнус Брунер (Австрија), Марија Луиш Касанова Моргадо Диаш де Албукерке (Португалија), Валдис Домбровскис (Летонија), Рафаеле Фито (Италија), Кристоф Хансен (Луксембург), Вопке Бастијан Хукстра (Холандија), Дан Јоргенсен (Данска), Константинос Кадис (Кипар), Марта Кос (Словенија), Андриус Кубилиус (Литванија), Хаџа Лабиб (Белгија), Мајкл Мекграт (Ирска), Глен Микалеф (Малта), Роксана Манзату (Романија), Тереза Рибера Родригез (Шпанија), Јесика Росвол (Шведска), Марош Шефчович (Словачка), Стефан Сежурне (Франција), Пјотр Аркадиуш Серафин (Полска), Јозеф Сикела (Чешка), Екатерина Спасова Гечева-Захариева (Бугарија), Дубравка Шуица (Хрватска), Апостолос Ѕиѕикостас (Грција), Оливер Вархеји (Унгарија), Хена Марија Виркунен (Финска) и дополнително Каја Калас (Естонија), назначена за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност на 24 јули 2024 година од страна на Европскиот совет, со согласност на новоизбраната претседателка на Комисијата.
Согласно член 17 став 7 од Договорот за Европската Унија, Советот на ЕУ по заеднички договор со новоизбраниот претседател на Комисијата, ја утврдува листата на кандидати кои ги предлага за именување за членови на ЕК.
Претседателот на Европската комисија, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и другите членови на ЕК, како тело во целина, треба да добијат согласност за именување од страна на Европскиот парламент. Врз основа на оваа согласност од ЕП, Европскиот совет ја именува Комисијата. Именувањето на ЕК треба да биде одобрено со квалификувано мнозинство во Советот.