Одвојувањето на Албанија од Македонија на пристапниот пат кон ЕУ е хендикеп за државата, смета Петар Арсовски – политички аналитичар и публицист.
– Одвојувањето на Албанија и Македонија на пристапниот пат кон ЕУ е секако хендикеп за нас од неколку причини, прво во смисла на меѓународна политика, ЕУ долго време бара некаква успешна приказна на Балканот и одвојувањето на Албанија ќе значи исполнување на таа успешна приказна. Можеби заедно со Црна Гора. Тоа ќе значи дека апетитот на ЕУ ќе се намали, па и притисокот кон Македонија ќе се намали за реформите и за патот напред кон ЕУ, но истовремено ќе се намали и притисокот и кон Бугарија за некаков компромис или некаков нов разговор околу протоколите кои беа главна точка на сопнување, изјави Арсовски за „Фронтлајн“.
На домашен план, додава тој, исто така тоа ќе биде хендикеп затоа што постои можност етничките Албанци да почнат да чувствуваат фрустрација, чувствувајќи се заробени од емотивниот пристап на етничките Македонци кон уставните измени и емпатијата кон тој став, кон отпорот за Уставните измени да почне полека да се намалува.
– Тоа можеби нема директно да доведе до директни или безбедносни етнички тензии, но фрустрацијата помеѓу двата етнички заедници ќе се зголеми, нагласи тој.
Република Албанија на 15 октомври ќе го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, со што се одвојува од Северна Македонија која не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата. За Премиерот Христијан Мицкоски, ова е лоша порака кон македонските граѓани, додека опозициската СДСМ гледа тежок пораз за политиките на Владата.
– Ние како држава имаме поминато многу во овие две и пол децении откако го почнавме овој наш пат за членство кон ЕУ. Мислам дека многу работи кои никој не ги направил, кој што е сега кандидат или преговара или е сега членка, а ние ги направивме, и кои немаат никаква врска со Копенхашките критериуми. Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во преговарачка рамка, изјави Мицкоски.
Тој кажа дека „го дели впечатокот со огромно мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе да прифаќаме услови, без гаранции, на сметка на национални отстапки и идентитетски отстапки“.
Опозициската СДСМ оцени дека раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата во европската интеграција на државата и огромна катастрофа за иднината на граѓаните.
– Пред сè, ова е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Според него, најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европските преговори и на спорот со Бугарија.
– Треба на сите да им е јасно, спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација?, рече Филипче.
Европската комисија со нетрпение очекува што е можно поскоро почеток на преговорите по поглавја со Албанија и Северна Македонија, изјави вчера Ана Писонеро, портпаролка на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства.
– Нашиот став е многу јасен, Комисијата со нетрпение очекува почеток на преговорите по кластерот „Основи вредности“ што со Албанија и со Северна Македонија што е можно поскоро, откако Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот, изјави Писонеро.
Како што кажа таа, тие „релевантни критериуми“ ги вклучуваат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот. Европскиот совет ја повика Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени“, изјави Писонеро, додавајќи дека одлуките за следните чекори во пристапниот процес се во надлежност на земјите членки на ЕУ, а не на Европската комисија.
Патот на Северна Македонија и на Албанија кон членството во ЕУ беше споен со почетокот на преговорите во летото 2022 годинa. Тогаш беа одржани и првите меѓувладини седница на Скопје и Тирана со Брисел, но отворањето на кластерите беше поместено за втората меѓувладина седница.
Претходно, во ноември 2020, Бугарија стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Дестан Јонузи