Пишува: ЗОРАН МИЛОШЕСКИ
Господа од ДПМНЕ, зарем е толку тешко да се сфати дека лагата има рок на траење? Дека вистината, кога-тогаш, стигнува на наплата? Дека не може цел живот да се седи на две столици, да се биде и за кралот и за Тито?
За вашето лицемерие и недоследност, за дволичноста и лагите, за вулгарниот популизам, може со денови да се зборува и пишува. Зошто денеска ве немаше на блокадите кај Ореовец, таму каде до пред некое време цутевте-капевте? Таму каде денеска вашата полиција, на барање на вашиот директор на ЈП ДП Коце Трајаноски, појде со пајак да ги отстрани барикадите. Да им се заканува на жителите на Ореовец со апсење доколку сами не ги отстранат своите возила, за да можат камионите на „Бехтел и Енка“ да стигнат до рудникот каде се врши минирање и ископ на тампон!
Заборавивте кој беше вашиот став за договорот со „Бехтел и Енка“? Еве ќе ве потсетам што велеше вашата партија на таа тема, преку изјавата на пратеникот Петар Ристески:
„Како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, за овој договор зборувавме дека е НЕУСТАВЕН, КРИМИНАЛЕН и донесен на ШВЕРЦЕРСКИ начин, со кој се овозможи формирање на вакви ЧУДОВИШТА како што е овој КАМЕНОЛОМ во Ореовец“.
Кога тоа КРИМИНАЛНИОТ ДОГОВОР стана, што би рекол вашиот лидер, БРИЛИЈАНТНО РЕМЕК-ДЕЛО? Зарем каменоломот – чудовиште стана ваше светилиште?
Ама, си знаете вие – што сте си дробеле, тоа ќе сркате!