Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Сакав да напишам сатира за Трамп и гледам дека не е можно тоа да се направи а да е подобро од оригиналот. А оригиналот е самиот Трамп.
Само еден пример.
Погледнете го ве молам видеото за тоа како Трамп си ја замислува Газа, кога тој ќе ја преземе контролата на регионот, што самиот го објави на неговата социјална мрежа, креирано со вештачка интелигенција.
Видеото блеска од префинет вкус и суптилност, се разбира ако добриот вкус се мери во долари, а суптилноста во златни статуи.
Почетокот, зачинет со разорената Газа, е само увертира за спектаклот што следува: „Газа 2025 – што е следно?“ Одговорот? Очигледно, луксузен ресорт со целодневен циркус.
На сцената стапува ВИ-генериран Илон Маск, чија главна животна мисија, е да фрла американски долари меѓу народот – благороден гест, се разбира, од човек кој во слободно време купува платформи за социјални медиуми и ги руши на парчиња, додека сега со моќта која му ја даде Трамп, крати од социјално загрозените Американци и затвора Фондации што помагаат на најранливите.
Одиме понатаму – Во центарот на новата, вештачки создадена рајска оаза, доминира џиновска златна статуа на Доналд Трамп – очигледно, не можеле да одолеат на искушението на класичната естетика на мегаломанијата. А вистинскиот Трамп? Тој, нормално, го прави тоа што најдобро знае – танцува со егзотична танчерка, додека Илон Маск дегустира деликатеси. Веројатно, иднината на Газа конечно доби својата гурманска нота.
Кулминацијата доаѓа кога Трамп и Нетанјаху, со пиво во рака и облечени во шорцеви за капење, се излежуваат пред луксузен хотел. Како вистински господари на новиот светски поредок, им недостига само чадорче во пијалакот и глас од бекграундот што вели: „Знаевме дека ќе успееме!“
А за крај? Шлаг на тортата – група мажи со бради, облечени во женски костими за капење, и зелени шамии. Дефинитивно модна изјава што докажува дека светот, барем според ова видео, веќе нема поим каде оди.
Сосема е нели небитно што Трамп за да си го оствари сонот ќе уништи вековни семејни огништа на милиони Палестинци. Нека играат, што ќе им фали?!
Што може овде да се додаде за да е сатира на оригиналот драги мои?
Едноставно сум разоружан.
Инаку ова е, како што вели премиерот на Нашата земја, Мицкоски, „новото нормално“ кон кое, нели, сме фатиле чекор пред сите.
Идемо!
Текстот е личен став на Авторот.