Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со поранешниот шеф на дипломатијата и висок функционер на ДУИ, Бујар Османи, разменија обвинувања и контраобвинувања. Премиерот го обвини Османи дека го продавал македонскиот идентитет, па според него, Османи не го почитувал ни албанскиот јазик.
Од друга страна, Османи му одговори на Мицкоски дека доколку премиерот направи половина од работата што тој ја направи во однос на македонскиот јазик, Албанците ќе му бидат благодарни.
ДУИ повторно се обидува да направи упад кон правосудниот систем, одговори премиерот Христијан Мицкоски на најавите на Ахмети и Османи за бојкот на локалните избори, но и за политичка криза. Ваквите изјави на првите луѓе на ДУИ се случуваат во пресрет на одржувањето на подготвителната седница на Уставниот суд за законот за јазици.
Изјавата на Османи за политичка криза за премиерот Мицкоски е директен упад во правосудниот систем, но како што рече човекот кој го распродаваше мојот идентитет не го почитува ни својот албански јазик.
– Претпоставувам дека претседателот го укорил својот потпретседател бидејќи му нанесува непоправлива штета со таа изјава по два основи. Првиот основ е директно мешање во правосудниот систем на една држава што е спротивно од било какви демократии кои што познава современото човештво. Човекот кој што преговараше и го распродаваше мојот македонски идентитет и мојот македонски јазик има најмал кредибилитет да зборува затоа што тој ако мене не ме почитува, не го почитува ни својот мајчин албански јазик, изјави премиерот Мицкоски.
Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи му порача на премиерот дека доколку направи пола од тоа што тој го направил за македонскиот јазик, Албанците ќе му бидат благодарни.
– Македонскиот јазик прифатен во ЕУ и преговарачката рамка без никаква фуснота Потпишан првиот договор со ЕУ каде се признава македонскиот јазик (ФРОНТЕКС) За меѓународната афирмација на македонскиот јазик имам повеќе јас направено отколку било кој од нив. Нека направи премиерот Мицковски за албанскиот јазик половина од тоа што јас имам направено за македонскиот, Албанците ќе му бидат многу благодарни, но уште поважно, нека не го загрозува тоа што други пред него го направиле, вели Османи.
Од коалицијата ВЛЕН, владин партнер на Мицкоски, велат дека најавите за бојкот на изборите се за дефокусирање на проблемите кои ги имаат во коалицијата Европски фронт и стравот од пораз заради внатрешни пресметки.
За политичкиот аналитичар Бесим Небиу изјавите на ДУИ за политичка криза се политичка проценки и стратешки позиционирања во пресрет на локалните избори.
– Се работи за политички проценки и стратешки позиционирања во пресрет на локалните избори. ДУИ има проценето дека во услови кога ВМРО-ДПМНЕ е толку доминантна во однос на СДСМ според рејтингот, а СДСМ се дистанцира од било каква соработка со ДУИ, додека односот меѓу двете опции во албанскиот блок е врамнотежен, како што е случајот во моментов – гласовите на етничките македонци ќе бидат пресудни во средините каде Албанците се мнозинство, како што се Тетово, Гостивар, Струга, Чаир, итн. Победата во овие 3-4 општини ги одредува перцепциите за победник и губитник во албанскиот блок. Во ваква ситуација, ДУИ сама и без коалиционен потенцијал соочена против ВЛЕН подржана од ВМРО-ДПМНЕ, може да се соочи со многу тежок и деморализирачки пораз, анализира Небиу за Фронтлајн.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе ги поддржи кандидатите на ВЛЕН – што ја прави победата на кандидатите на ВЛЕН многу веројатна во повеќето градови со албанско мнозинство.
– Таков пораз би создал ситуација каде дел од гласачкото тело на ДУИ кое е традиционално клиентелизирано, би почнало да губи доверба и надеж дека ДУИ во брзо време ќе се врати на власт – што е главниот начин на кој оваа партија го одржува својот гласач. Оттаму, и настојувањето на ДУИ да избегне ваков директен судар, и да ја пренесе политичката битка на теми и димензии кои повеќе и одговараат повеќе-патриотските теми традиционални се теми во кои ДУИ најдобро се снаоѓа, вели нашиот соговорник.
На неколку партиски собири лидерот на ДУИ Али Ахмети истакна дека се врши деградирање на Албанците но и на албанскиот јазик со што рече дека би можело да има и бојкот на локалните избори. Додека поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи отиде и чекор понапред и најави дека е можна политичка криза.
Дестан Јонузи