Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара од Владата да ја повлече одлуката од септември 2024 година со која, според нив, се намалува бројот на општински советници и се нарушува правичната застапеност.
– Оваа одлука е загрижувачка и е во спротивност со Уставот, Законот за локална самоуправа и одлуката на Уставниот суд, со која практично се исклучува дијаспората, изјави потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Тој посочи дека Владата не ги почитува резултатите од пописот од 2021 година и со тоа создава непотребни тензии:
– Уставниот суд јасно одлучи дека 29,5% од населението се Албанци. Официјалните податоци се прецизни, но Владата не ги почитува. Според член 34 од Законот за локална самоуправа, бројот на советници се утврдува според бројот на жители, а не според резиденти или нерезиденти, наведува тој.
Веднаш уследи одговор од коалицијата ВЛЕН, која ја обвини ДУИ дека токму таа ги изгласала и спровела сите неправди врз Албанците.
– ДУИ ги воведе најголемите аномалии во пописот со рубрики (полиња) што не постојат никаде во светот. Наместо јасен и правичен попис, тие овозможија нашите сограѓани да бидат третирани како ‘странци’ во сопствената држава. ДУИ свесно ја осакати статистиката, па затоа Албанците денес наместо да се прикажат со 29,5%, се сведени на 24,3%“, реагираат од ВЛЕН.
Од коалицијата тврдат дека ДУИ се занимавала со бизниси и не се грижела за интересите на Албанците:
– Прашањето е дали Арбер Адеми, Бујар Османи и Али Ахмети ќе признаат дека ја излажале дијаспората и нерезидентите Албанци и дали ќе преземат одговорност за оваа историска измама, истакнуват од ВЛЕН.
ВЛЕН нагласува дека ќе продолжи да ја брани вистината и правичната застапеност на Албанците: „Нема да дозволиме нивниот број и достоинство да бидат фалсификувани.“
Дестан Јонузи