Пишува: ДЕСТАН ЈОНУЗИ
Политичката сцена во земјава повторно се наоѓа пред сериозен судир на наративи околу иднината на парламентарниот мандат. Од една страна, владејачкиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски испраќа пораки за стабилност и цврстина на актуелниот владин состав, одбивајќи било каква можност за предвремени парламентарни избори. Од друга страна, аргументите што се пласираат во јавноста од албанскиот опозициски политички фактор отвораат јасна перспектива: веднаш по локалните избори, предвремените парламентарни ќе бидат неизбежни.
Зошто предвремени?
„И самиот Мицкоски ги има видено последните анкети каде што соодносот е 3 спрема 1. Но нашиот одговор е ист – и преку емисарите што ги испраќа, и јавно. Ние нема да дозволиме Албанците да станат монета за поткусурување каде што некој ќе одлучува кој влегува, а кој излегува. Веднаш по изборите ќе има парламентарни избори и победникот на народната волја никој нема да му ја земе, туку ќе седне на маса и ќе преговара за коалициско владеење“, порача потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.
Главниот аргумент што се истакнува е дека народната волја не може да се дерогира, а актуелните анкети, според нив, покажуваат убедливо водство на албанската опозицијата. Во такви околности, секое одолговлекување би ја зголемило недовербата кај граѓаните.
Дополнително, самата логика на локалните избори покажува дека тие претставуваат тест за легитимитетот на власта. Доколку резултатите ја потврдат надмоќта на албанските опозициски партии, ќе биде политички неодржливо да се инсистира на продолжување на мандатот уште три години без да се освежи демократскиот легитимитет преку предвремени избори.
Мицкоски против „политички комбинации“
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, категорично ја отфрли можноста за нови избори: „ДУИ ја експлоатира темата за да собира клиентелистички гласови, лажејќи ги своите гласачи дека ќе правеле коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Порачувам, кај мене како премиер и пред сѐ како човек, најважни се принципите, а не комбинациите. Не интриги, не политика. Престанете да го лажете вашето гласачко тело. Нечесно е и некоректно да ги лажете луѓето со кои манипулирате со години.“
Со оваа порака, Мицкоски сака да демонстрира стабилност и да ја одбие тезата дека владата ќе се соочи со предвремени избори. Сепак, јавната расправа за „емисари“ и можни владини реконфигурации остава простор за сомнеж во вистинските намери на власта.
ВЛЕН за стабилен мандат
И првиот вицепремиер Изет Меџити од ВЛЕН ја засили пораката за стабилност: „Актуелната коалиција има уште три години мандат за да ги реализира проектите што им ги ветила на граѓаните. Нема причина државата да прави нови трошоци и да се носи во дополнителни политички турбуленции. Нема да има предвремени избори.“
Со оваа позиција, ВЛЕН се појавува како чувар на мандатот, но истовремено и како фактор што сака да избегне ризици од нови изборни натпревари, свесен за можните промени во рамките на албанскиот политички блок.
Политичка неминовност или тактичка реторика?
Иако ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН настојуваат да ја наметнат сликата за стабилен мандат, политичката динамика на Балканот ретко дозволува вакви сценарија да се реализираат без потреси. Историјата на македонските политички процеси покажува дека речиси секогаш локалните избори биле вовед во нови парламентарни конфронтации.
Тезата дека предвремените избори се неминовни се потпира на анкетите кои веќе ја отворија дебатата за легитимноста на актуелната власт, на растечкиот притисок од опозицијата кој ќе се зголемува по секој локален резултат што ќе ја потврди надмоќта, но и на албанскиот политички фактор кој нема интерес да остане маргинализиран во комбинации, туку сака да игра улога на клучен арбитер при ново коалицирање.
Оттаму, и покрај официјалните негирања, политичката логика оди во насока дека предвремените парламентарни избори по локалните ќе станат реалност, а не само реторичка закана.










































































































