На социјалните мрежи се појави видео снимка на која, според објавите, се гледа директорот на Универзитетската клиника за неврологија, д-р Игор Кузмановски, како консумира бела прашкаста материја за која се тврди дека е кокаин.
Видеото, проследено со партиски и лични контексти, го отвори прашањето за одговорноста и моралните стандарди кај јавните функционери.
На видеото, Кузмановски зборува за „квалитетот на робата“ и спомнува дилери со кои, како што вели, „знае како да се однесува“.
Снимката предизвика лавина реакции, особено бидејќи Кузмановски е истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ и близок до партискиот врв. Објавата што првично ја сподели Фејсбук-страницата „Кочи Мицко“ беше проследена со ироничен коментар:
„Игор Кузмановски, директор на Неврологија, другар на Мицко. Само чисто бело шмрка, ако е мешано го враќа!“
Разрешување и извинување
По појавувањето на видеото, министерот за здравство Азир Алиу донесе решение за разрешување на Кузмановски од функцијата директор на Клиниката за неврологија. Од Министерството соопштија дека во најкраток рок ќе биде назначен нов директор и дека работата на клиниката продолжува непречено.
Неколку часа по објавата на видеото, Кузмановски се огласи на својот Фејсбук-профил со јавна изјава и извинување, во која вели дека длабоко жали за „моментот на слабост“ што, како што тврди, се случил пред да ја преземе функцијата директор.
„Се извинувам поради постапката која не се случила во времето кога раководев со Клиниката. Тоа е момент на моја слабост кој не смее да биде пример. После ова знам дека грешката нема да се повтори“, напиша Кузмановски, најавувајќи дека ќе продолжи да работи како доктор.
Поддршка од дел од колегите
Дел од вработените на Клиниката за неврологија испратија писмо со кое изразија поддршка за својот поранешен директор. Тие изразуваат поддршка на проф. д-р Игор Кузмановски како одговор на неодамна објавениот компромитирачки материал со кој се дискредитира неговата личност и апелираат како што посочуваат, за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина.
Политичка димензија на скандалот
Игор Кузмановски е долгогодишен член и јавен поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, познат по своите настапи и прес-конференции во име на партијата. Објавата на видеото ја отвори и политичката димензија на случајот, бидејќи владејачката ВМРО-ДПМНЕ досега го претставуваше Кузмановски како пример за „успешен и професионален кадар“.
Иако самиот вели дека снимката е стара и поврзана со „минато искушение“, јавноста бара транспарентност и одговорност – не само во медицинската, туку и во политичката сфера каде што Кузмановски имал значајна улога.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, и бараат институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.
Скандалот со директорот на Неврологија се надоврзува на низа случаи што ја отвораат темата за моралните и етичките стандарди кај јавните функционери и блиските соработници на владејачките партии.
Ј. Ѓ.